ВЛАДА НА РМ: ОСУДУВАМЕ ГОВОР НА ОМРАЗА И НАСИЛСТВО, ГИ ШТИТИМЕ ГРАЃАНИТЕ, НЕМА ДА ДОЗВОЛИМЕ СЕЕЊЕ СТРАВ

//

Владата на Република Македонија најостро го осудува насилството, говорот на омраза и повиците за насилство од вчерашните настани, кои имаат за цел да манипулираат и да ги вознемируваат граѓаните на земјата.

Владата категорично, согласно овластувањата и законите, ќе ја штити безбедноста на граѓаните и институциите и нема да дозволи изолирани групи со насилство да го нарушуваат јавниот ред и мир за да шират атмосфера на страв и несигурност.

Повикуваме на разум и на конструктивна атмосфера за дебата и јавно информирање, сè со цел секој граѓанин на Македонија да има можност да донесе сопствен став пред одржување на референдумот којшто следува и слободно да одлучат за македонската просперитетна иднина. Без страв, заплашување и притисок. Ги повикуваме граѓаните да внимаваат и со воздржан однос да ги препознаваат лажните вести и дезинформациите кои се шират преку социјалните мрежи.

Сега е моментот сите политички субјекти кои постојано велат дека Македонија нема друга алтернатива за членството во НАТО и во ЕУ, да покажат елементарна политичка одговорност. Сега е време да се биде чесен кон граѓаните и да се покаже на дело поддршката за европската иднина на Македонија.

Секој кој ги повикува граѓаните на насилство има одговорност. Повикот на насилство нема само етичка и морална одговорност, туку и кривична, во согласност со кривичниот законик.



Предизвикувањето немири и несигурност е единствената цел на структурите што стојат зад овие немири, а тоа е во целосна спротивност на интересите на нашите граѓани. Омразата и насилството се штетен концепт и не се избор на граѓаните на Република Македонија. Граѓаните на нашата земја избраа иднина за сопствената безбедност, за економски развиена земја, eднаквa со другите во регионот и рамноправна членка во НАТО и ЕУ. Случувањата како оној на 27 април минатата година беа одлучно отфрлени од мнозинството граѓани.

Конечниот договор за решавање на македонско – грчкиот спор за името и за стратегиско партнерство меѓу двете земји, за Владата на РМ е почетокот на реалната и целосна интеграција на Македонија, најпрво во НАТО, а потоа и во Европската Унија. Тоа е победничкиот концепт за сопствената иднина што го избраа граѓаните на нашата земја.

Тоа е интересот на огромното мнозинство од народот во нашата земја.



Претходна статија

„ИСЦЕЛИТЕЛ“ ЌЕ БИДЕ ПРИКАЖАН НА ФИЛМСКИОТ ФЕСТИВАЛ ВО ШАНГАЈ

Следна статија

АКАДЕМИЦИ: ДОГОВОРОТ СО БУГАРИЈА ДА НЕ СЕ СВЕДЕ САМО НА РЕВИЗИЈА НА УЧЕБНИЦИ

Најново од Вести