Владата донесе пакет од 26 антикризни мерки во вредност од 400 милиони евра
Укинување на ДДВ, акцизи, делење ваучери се само дел од мерките кои ги предлага Владата за ублажување на ценовниот шок на храната и енергенсите предизвикан од руско-украинската криза.
Во пакетот од 26 мерки предвидено е ДДВ-то за основните продукти да се укине, маржите да се замрзнат, а 35 илјади најранливи категории граѓани да добијат по 3 илјади денари ваучер за пазарање.
Владата ја одобри и методологијата со која цените на горивата би се менувале на дневно ниво, а ќе се пролонгира воведувањето на еколошката такса од 3,5 денари – закон кој е во собраниска процедура. Предлага ДДВ-то за горивата од 18 да се намали на 10%, а акцизата да се намалува врз основа на берзанските цени.
Пакетот мерки, според Ковачевски, тежи 400 милиони евра, од кој 90 милиони се откажување од приходи, а 310 милиони се директни фискални расходи. За да стапат на сила мерките треба да добијат и зелено светло од народните избраници.
Ковачевски уверува стоковите резерви се полни и простор за паника нема, буџетот е ликвиден, а денарот стабилен. Сепак цените на храната и енергенсите ќе продолжат да растат, па упати апел за штедење до граѓаните, но и до државните институции.
