Владата тврди: Рекордно зголемена трговската размена со Германија
Владата на Република Северна Македонија во соработка со Делегацијата на Германското стопанство во Северна Македонија информира за рекордното зголемување на трговската размена меѓу двете земји.
Согласно официјалните статистички податоци на Сојузното министерство за економија и климатска заштита на Германија, трговска размена помеѓу Германија и Северна Македонија во 2021 година повторно значително се зголемила и го достигнала своето рекордното ниво. Во 2021 година помеѓу двете земји беше остварена трговска размена во вредност од 4,7 милијарди евра, што означува зголемување за 23,6 отсто во споредба со минатата година.
Извозот од Северна Македонија кон Германија во 2021 година се зголемил за 24,8 отсто во споредба со 2020 година, додека увозот од Германија во Северна Македонија се искачи од 1 милијарда евра на 1,2 милијарди евра, што претставува раст од 20,6 проценти.
Економската соработка со Сојузна Република Германија е на исклучително високо ниво и традиционално оваа земја е прв трговски партнер на Република Северна Македонија, со голем број на директни инвестиции на компании од Германија во нашата земја.
Владата и во иднина ќе продолжи да создава амбиент за економски развој и напредок со цел двете земји да продолжат да ги унапредуваат деловните релации. Потенцијал за унапредување на односите и дополнително проширување на соработката има и во вложувања во енергетиката со фокус на обновливи извори, индустријата, заштитата на животната средина.
Извор: Zoom. mk