ВЛЕН: Гласањето помина во мирна и демократска атмосфера
Процесот на гласање во вториот круг од локалните избори се одвиваше мирно и во демократска атмосфера во сите општини, вклучително и таму каде што настапуваше коалицијата ВЛЕН, соопшти портпаролот на коалицијата, Дритон Сулејмани.
Тој изјави дека, според информациите од теренот, гласањето поминало без поголеми неправилности и во духот на граѓанска одговорност. ВЛЕН изразува благодарност до сите граѓани кои мирно и достоинствено го остварија своето избирачко право, покажувајќи висока демократска култура.
Од коалицијата порачаа дека очекуваат Државната изборна комисија фазата на затворање и броење на гласовите да ја спроведе со целосна транспарентност, точност и професионализам, како и во првиот круг, во согласност со законот и волјата на граѓаните.
„Според нашите информации од теренот, кандидатите на коалицијата ВЛЕН добија широка поддршка во сите општини каде што настапуваат и очекуваме резултати кои ќе ја потврдат таа доверба,“ изјави Сулејмани.
Коалицијата ВЛЕН ќе продолжи внимателно да го следи изборниот процес до објавувањето на конечните резултати и останува посветена на фер избори, почитување на секој глас и зајакнување на довербата во демократските процеси.
