ВМРО-ДПМНЕ: Градоналаниците од ВМРО-ДПМНЕ сè уште ги санираат и плаќаат сметките на нивните претходници од СДСМ
Градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ уште ги санираат штетите и плаќаат сметките за скапо јадење на нивните претходници од СДСМ, велат од опозициската партија.
Оттаму додаваат дека градоначалниците од СДСМ кога ги напуштале општините се погрижиле нив да ги остават со празни каси, или дури и сметки во минус, но и многу побарувања за плаќање на скапите јадења со кои се гоштевале низ рестораните.
„ Градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ во сите скопски општини ги исчистија дивите депонии и хаосот кој го оставија нивните претходници. Градоначалникот на Битола го продолжи проектот за изградба на стадионот, кој беше почнат уште во време на ВМРО-ДПМНЕ, а СДСМ 4 години не го направи. Во Охрид се почнаа нови улици, во Илинден ново училиште. Во секоја нова општина се почна со проекти.
Но ако граѓаните се прашуваат со што друго беа соочени градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ тоа се скапите сметки како таа што ја направил командирот на скопската пожарна нарачувајќи телешки бифтеци, медалјони и скапи нарачки како фрути ди маре од 8.600 денари порција. Како изговор за ова скапо гоштевање е дека правеле прослава за скалата која ја купија дупло поскапо од тоа што ја купи Град Загреб“, се вели во соопштението.
Вакви енормни сметки, како што велат, се правеле по ексклузивни ресторани и за време на изборите.
„ На 22 октомври Љубица Јанчева, тогашен претседател на Советот на Град Скопје, потрошила 39.700 денари за едно јадење во ексклузивен локал на Кејот на Вардар. Овие и многу други сметки кои се плаќани со пари на скопјани и граѓаните на другите општини се дел од проблемите со кои се соочија градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ. Времето на криминал и јадење на скапи јадења на сметка на народот заврши“, порачаа од ВМРО-ДПМНЕ.