|

ВМРО-ДПМНЕ: Историска победа и доверба од граѓаните за нов почеток и вистински промени

Во најновото соопштение, ВМРО-ДПМНЕ истакнува дека остварила историска победа на локалните избори, освојувајќи вкупно 54 општини плус градот Скопје, што, како што наведуваат, претставува „јасна порака од граѓаните за нов почеток и вистински промени“.

Од партијата потенцираат дека владината коалиција останува стабилна и легитимна, обезбедувајќи 66 од вкупно 81 општина, што, според нив, е доказ за довербата која народот ја дава за промени и подобар живот.

„Симболиката на оваа победа најсилно се гледа во Кичево, каде кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ доби поддршка од сите етнички заедници – што е доказ дека граѓаните се обединуваат против корупцијата и партиската злоупотреба,“ се вели во соопштението.

Како што додаваат, победи биле остварени и во низа други општини, меѓу кои Брвеница, Карпош, Валандово, Дојран, Дебарца, Демир Капија, Крушево, Пробиштип, Росоман и Чучер Сандево, а во вториот круг биле потврдени резултати во Аеродром, Виница, Конче, Неготино, Лозово, Македонски Брод, Могила, Ранковце и Чешиново-Облешево.

Во соопштението се наведува дека граѓаните јасно порачаа дека е време за промени и нови лица, и дека народот „реши да стави крај на неправдите и да ја довери својата иднина на луѓе што ќе работат чесно и посветено за нивното добро“.

Од ВМРО-ДПМНЕ порачуваат дека СДС и ДУИ се длабоко поразени и дека им претстои сериозна консолидација и реформа. „Не се доволни неколку оставки кога проблемот лежи во лидерството на Венко Филипче,“ се наведува во партиското соопштение, во кое дополнително се оценува дека „граѓаните ја испратија старата власт во историјата“.

„ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи да работи со сите граѓани, без разлика на нивната политичка определба, за да ја заслужи довербата и на оние кои не гласаа за нас. Ќе понудиме вистински промени, конкретни реформи и подобрување на животниот стандард,“ завршува соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Слични Објави