ВМРО-ДПМНЕ: Неспособното раководство на АД ЕЛЕМ не го искористи водниот потенцијал на Глобочица и Шпиље со што сега се изгубени над половина милион евра
СДСМ е елементарна непогода за енергетиката во Република Македонија. ХЕЦ Глобочица веќе три недели прелева, а од пред три дена прелева и ХЕЦ Шпиље, се вели во соопштението на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ.
Неспособното раководство на АД ЕЛЕМ не го искористи водниот потенцијал на Глобочица и Шпиље во зимскиот период, и со тоа не изврши празнење на акумулациите во пресрет на сезоната на дождови и топењето на снеговите. Поради таквата неодговорност акумулациите прелеваат, а со тоа до сега се изгубени над половина милион евра, пари кои можеле да се генерираат доколку навреме била произведена електричната енергија.
Додека АД ЕЛЕМ се соочува со пропусти во производството и загуби, Раководството на претпријатието наместо во нови инвестиции и развојни проекти парите ги троши за вработување на партиски кадри.
СДСМ без распишан оглас за вработување ги вдоми во АД ЕЛЕМ на државна плата синот на Мирослав Грчев, човекот за кој македонската нација не постои, негатор на македонската историја и ќерката на Талат Џафери, човек кој себе си се претставува за претседател на Собранието.
Власта на државна плата во АД ЕЛЕМ го згрижи и сопругот на Магдалена Несторовска, државен секретар во МВР, човек на 60 години. И додека граѓаните минуваат подолг период додека да најдат работа роднините на функционерите на власта преку ноќ добиваат државна работа во едно од најдобрите државни претпријатија.
Република Македонија е заробена држава од врхушката на власт. Државата и државните ресурси се злоупотребуваат со цел материјален бенефит на партиската елита. Додека се богати мала група на луѓе јавноста се замајува со цел да не ја види хаваријата во државата која настанува со владеењето на СДСМ.
Десетина патриоти неосновано се ставени во затвор со една единствена цел, да ја дефокусираат јавноста од неработењето, незнаењето и неспособноста на власта, но и од расипничкото трошење и богатењето на мала група на луѓе од врвот на власта.
На ова неработење мора да се стави крај. Оваа ненародна власт мора да си оди. Државата постои за да обезбеди еднакви услови за сите нејзини граѓани, не само за партиската елита на власт. Граѓаните заслужуваат подобро, се вели во соопштението на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ.