ВМРО-ДПМНЕ: СЈО НА СДСМ МУ КОРИСТИ ЗА ПОЛИТИЧКИ ПРОГОН НА НЕИСТОМИСЛЕНИЦИТЕ

Вести Истакнато Македонија

Заев треба да го слушне гласот на народот. Гласот на 1,2 милиони граѓани кои не се согласуваат со промената на името, идентитетот, јазикот и историјата на Македонија. Граѓани кои не се согласуваат со антидржавните политики на владата на СДСМ и капитулацијата која им ја подметнува Зоран Заев, се вели во соопштението на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ.

Македонскиот народ уште еднаш го покажа својот непокор. И покрај сите закани, уцени и притисоци на власта , народот се одважи и го одбрани сопствениот национален идентитет. Ниту СЈО, ниту партиското судство на Заев, ниту заканите за бркање од работа не ги поколебаа граѓаните да ги заштитат националните и државните интереси кои Заев ги распродава.

СДСМ ја погреба правната држава, го прегази правото и правдата. Пресудите и обвиненијата се пишуваат на Бихаќка. Заев е во паника и повторно го активира партиското обвинителство СЈО. СЈО му користи за политички прогон и пресметка со политичките неистомисленици, мислејќи дека ќе ги заплаши.

Тоа нема да се случи! Македонија и ВМРО преживеале многу низ историјата, а ќе го преживеат и Зоран Заев. ВМРО-ДПМНЕ ќе ја почитува волјата на граѓаните и нивната мудра одлука да не го прифатат капитулантскиот договор од Преспа.

Во Македонија народот е суверен и оној кој одлучува, како што и доликува на една демократска земја. Заврши времето на транзициските политичари кои се однесува кон државата како кон своја лична своина и носеа одлуки на штета на државните и националните интереси, само со цел спас на своите политички кариери.

Заврши времето на овие луѓе кои 27 години ја пљачкосуваа и пустошеа државата. Дојде времето на нови победи, на нови успеси на Република Македонија, се вели во соопштението на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ.