ВМРО-ДПМНЕ СО ИНТЕРПЕЛАЦИИ ЗА НИКОЛОВСКИ И МАРИЧИЌ
Опозициската ВМРО – ДПМНЕ со две нови интерпелации за функционери во владата на Заев. На тапет, министерот за правда Бојан Маричиќ и одговорниот за борба против корупцијата Љупчо Николовски.
„Двајцата се најодговорни за корупцискиот жив песок во кој што тонеме, како веројатно најкорумпираната европска држава и една од најкорумпираните во светот“ – ја образложи интерпелацијата Гордана Силјановска- Давкова. Опозицијата го посочи 111-то место на листата на корупција на „Транспаренси интернешнл“ и неуспешноста на власта да се справи со оваа појава.
Социјалдемократите возвраќаат, ВМРО-ДПМНЕ е симбол за криминал и корупција, интерпелациите се неосновани.
Лицемерно и лажно е ВМРО-ДПМНЕ да зборува за корупција кога токму оваа партија е синоним на коруптивно дејствување, провизии од тендери и незаконско финансирање на партијата. Уште поголемо лицемерие е пратеници на ВМРО-ДПМНЕ да зборуваат за партиска држава, кога токму за време на нивното владеење бевме категоризирани како заробена држава, возврати Калевска- Ванчева од СДСМ.
Претходно опозицијата поднесе интерпелација и за вицепремиерот за европски прашања никола Димитров, но за неговата работа собранието треба да расправа в среда.