ВМРО-ДПМНЕ: Стевчо Јакимовски сака да го бетонизира Влае
Стевчо Јакимовски продолжува да бетонизира сѐ што може да му донесе личен профит, обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ во најновото соопштение.
Според партијата, фирмата „Аполо инженеринг“, која ја поврзуваат како блиска до Јакимовски, преку процес на приватизација добила земјиште во скопската населба Влае. Меѓу приватизираните парцели, како што тврдат од опозицијата, се наоѓа и дел од улицата Есперанто – јавна површина веднаш пред Кино Влае.
„Она што треба да биде општинска инфраструктура, било продадено поради личен интерес“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Според опозициската партија, „Аполо инженеринг“ доставила два геодетски елаборати во 2016 и 2017 година, по донесување на Деталниот урбанистички план, кој го потпишал самиот Јакимовски. Во истиот ДУП, како што велат, е предвидена висококатница на истата локација, што, според нив, покажува дека урбанистичкиот план бил правен за интересите на фирмата.
Од ВМРО-ДПМНЕ наведуваат дека земјиштето било приватизирано за само 285 денари за квадратен метар, или вкупно околу 3.500 евра, што е далеку под реалната пазарна цена за локацијата во Влае. Неколку месеци подоцна, фирмата го продала истиот имот на својот сопственик Јонче Спирковски за 2.950.000 денари.
„Ова е класичен пример за фиктивна зделка, каде јавниот интерес станува приватен“, истакнуваат од партијата.
„Јакимовски ја претвори општината во приватна компанија. Карпош за него е само лична фирма од која добива профит, а граѓаните се заборавени“, се додава во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
