ВМРО-ДПМНЕ: ВЛАСТА НА ШВЕРЦЕРСКИ И КРИМИНАЛЕН НАЧИН НАМЕТНУВА ЗАКОНСКИ РЕШЕНИЈА
Власта на шверцерски и криминален начин ја силува парламентарна демократија во Македонија наметнувајќи законски решенија кои се спротивни на интересите на македонските граѓани. Гласот на пратениците и граѓаните кои ги претставуваат е злоупотребен, правото и правдата се на распродажба, а се повторуваат сите оние немили сцени кога се купуваа, уценуваа и притискаа пратениците, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Според партијата, „аболицираниот криминалец Зоран Заев заедно со неговата криминално-рекетарска банда преку новото законско решение за законот за обвинителство се обидуваат по секоја цена да издејствуваат амнестија за криминалите кои тој и неговата банда ги сторија изминатите 3 години“.
„Новиот закон кој власта сака да го донесе на сила ќе ги амнестира функционерите кои се богатеа на грбот на граѓаните, преку криминални тендери и грантови. Ќе ги амнестира сите оние зделки во 4 очи, зделки при кои беа злоупотребени парите на граѓаните. Зоран Заев е свесен дека по 12 април неговата политичка кариера е завршена. Тој се плаши од реформирано и професионално обвинителство кое ќе ги процесуира сите негови криминали, поткупи, рекети, закани и злоупотреби“, соопшти партијата.
ВМРО-ДПМНЕ апелира новото законско решние да го креираат експерти, бидејќи само така во Македонија може да се врати правдата и да завладее правото. „Само закон позади кој стојат експертите и правната фела може да ја доближи нашата држава до Европската Унија и да обезбеди подобро утре за сите нас. По 12 април нема веќе амнестија за криминалот. Со обновата на Македонија почнува одговорноста за стореното и еднаквоста пред законите.
Зоран Заев никогаш повеќе“, се додава во соопштението.

