Во Бугарија беше објавен четвртиот национален ученички конкурс „Моите родни корени од Македонија и Одринска Тракија“
Од февруари до 15 април 2026 година учениците од V одделение до четврта година средно во Бугарија можат да учествуваат на четвртиот национален ученички конкурс за документарен расказ, интервју или есе на тема „Моите родни корени од Македонија и Одринска Тракија“, јавува БГНЕС.
Конкурсот го организира Бугарското здружение на родовите од Македонија во партнерство со Историскиот факултет при Софискиот универзитет „Св. Климент Охридски“ и Македонскиот научен институт, со поддршка на Министерството за образование и наука на Бугарија. Регламентот е доставен до сите регионални управи за образование.
Право на учество имаат ученици од целата земја, поделени во две возрасни групи: V–VII и VIII–XII одделение. Текстовите треба да бидат оригинални и да не биле пријавени на претходните изданија. Обемот е од 3 до 10 страници (4.000–20.000 знаци), во електронска форма.
Учениците треба да истражат сопствено семејно потекло или историјата на семејства со корени од Македонија или Одринска Тракија, преку интервјуа со роднини и користење релевантни историски извори. Во трудовите се очекува опис на родното место, значајни личности и настани, евентуално преселување во Бугарија и одржување врски со родниот крај. Може да се приложат родословни шеми, фотографии и други материјали.
Македонија и Одринска Тракија се дефинираат како историски области во состав на Отоманската империја до Балканските војни (1912–1913), кои денес ги опфаќаат териториите на Република Северна Македонија, делови од Грција и Турција и југозападниот дел на Бугарија.
Трудовите ќе се оценуваат според документарноста, користените извори, аналитичкиот пристап, оригиналноста и јазичната култура. Наградите за секоја возрасна група се: прва награда – 50 евра, втора – 40 евра и трета – 30 евра, како и специјални признанија.
Текстовите треба да се испратат најдоцна до 15 април 2026 година на електронските адреси: [email protected] или [email protected]. Повеќе информации се достапни на www.sberem.org.
