| |

Во Бугарија ќе биде претставена иницијатива за дигитализација на културното наследство

На 12 ноември, во 18 часот, во Бугарската академија на науките (БАН) во Софија ќе се одржи настанот „Од 3D дигитализација до 3D мапирање: Бугарското културно наследство во Europeana“, во рамките на Четвртата меѓународна конференција Museum Big Data 2026, соопштија организаторите, пренесува БТА.

На настанот ќе биде претставена нова иницијатива на научни и културни институции од Бугарија, чија цел е поголема застапеност на бугарското тридимензионално културно наследство во Europeana – Европскиот простор за податоци за културното наследство.

Во иницијативата учествуваат Институтот за математика и информатика и Институтот за информациски и комуникациски технологии при БАН, Музејот на народните занаети и применетата уметност во Тројан и Регионалната библиотека „Пенчо Славејков“ во Варна.

Организаторите потсетуваат дека Мадарскиот коњаник, вклучен во платформата во 2024 година, е првиот и засега единствен бугарски тридимензионален објект во Europeana. Новата иницијатива има цел да поттикне поголемо учество на музеи и културни институции во 3D дигитализацијата.

Централен дел на вечерта ќе биде 3D проекција врз фасадата на Бугарската академија на науките, создадена врз основа на дигитализирани објекти од културното наследство.

Меѓу меѓународните гости ќе бидат Крис де Луф, претседател на Генералното собрание на европската научна инфраструктура DARIAH, и Инес Водопивец, заменик-претседателка на Управниот одбор на Мрежната асоцијација на Europeana.

На конференцијата се очекува да учествуваат околу 80 делегати од повеќе земји, меѓу кои Австралија, Белгија, Бразил, Кина, Франција и Турција, како и уште околу 50 учесници онлајн.

Слични Објави