Во Бугарија почна пријавувањето за стипендии за студенти и ученици преку иницијативата „Поддржи еден сон“
Од денеска, 15 септември, до 15 октомври 2026 година, администрацијата на претседателството на Бугарија ќе прима документи од студенти и ученици за доделување стипендии за образование во рамките на иницијативата „Поддржи еден сон“, соопшти прес-службата на претседателската институција, пренесува БТА.
Право на еднократна финансиска помош имаат студенти во прва година кои во 11. и/или 12. одделение биле сместени во социјална услуга или згрижувачко семејство, а средното образование го завршиле во 2026 година со просечен успех од најмалку 4,00.
За стипендија можат да аплицираат и студенти во прва година кои во 2026 година завршиле средно образование во специјализирани училишта за ученици со сензорни попречености со успех над 4,00.
Право на поддршка имаат и ученици во 12. одделение сместени во социјална услуга или згрижувачко семејство, кои учебната 2025/2026 година ја завршиле со одличен успех во 11. одделение.
Средствата за еднократните стипендии се обезбедуваат преку донаторска кампања што претседателската администрација ја организира секоја година.
Условите, постапката и обрасците за аплицирање се објавени на интернет-страницата на претседателската институција. Кандидатите треба да ги пополнат пријавите и да ги приложат потребните документи.
Минатата година во рамките на иницијативата финансиска помош добиле 15 студенти во прва година и осум ученици во 12. одделение со одличен успех. Стипендијата за студентите изнесувала 5.000 лева, а за учениците 2.517 лева.

