Бугарскиот министер за образование Георги В’лчев: Училиштето има мисија на секое дете да му даде знаење, самодоверба и шанса да го пронајде својот пат во животот
Бугарскиот министер за образование и наука Георги В’лчев по повод првиот училишен ден порача дека главната мисија на образованието е на секое дете да му даде знаење, самодоверба и можност да го пронајде својот пат во животот.
Во честитката до наставниците, директорите, учениците и родителите, В’лчев истакна дека училиштето е местото каде што децата учат да поставуваат прашања, да бараат одговори, да го бранат својот став и да ги почитуваат другите, пренесува БТА.
„Бидете љубопитни. Прашајте, истражувајте, обидувајте се и не плашете се да грешите. Училиштето има смисла не кога само ги паметите точните одговори, туку кога ќе научите сами да ги наоѓате“, им порача министерот на учениците.
Обраќајќи им се на наставниците, В’лчев нагласи дека зад секој успех на едно дете стојат многу секојдневни напори.
„Токму овие мали секојдневни напори ја претвораат наставничката професија во мисија, која без вашата посветеност не може да биде исполнета“, истакна тој.
Министерот посочи и на значењето на соработката меѓу училиштето и семејството, оценувајќи дека кога родителите и наставниците имаат меѓусебна доверба и испраќаат исти пораки до детето, шансите тоа целосно да го развие својот потенцијал се поголеми.
Посебна порака В’лчев упати и до првачињата, посакувајќи им со насмевка да влезат во училниците, да го засакаат знаењето и училиштето да го почувствуваат како втор дом.
Новата учебна година во Бугарија почнува за над 700.000 ученици во 2.322 училишта, меѓу кои повеќе од 55.000 првачиња.
Во образовниот систем работат над 92.000 педагошки кадри, од кои повеќе од 20.000 во детските градинки, а речиси секој петти педагог е на возраст до 35 години.
Учениците годинава ќе имаат на располагање и повеќе од 2.000 новоизградени СТЕМ-центри. Инвестицијата во нив надминува 250 милиони евра и е обезбедена преку Планот за закрепнување и отпорност.

