Во Бугарија се одбележува Денот на бугарскиот лекар
На денот кога во Бугарија се слави празникот на бугарскиот светец Св. Јован Рилски – Чудотворец, во земјата се одбележува и Денот на бугарскиот лекар. Овој ден се одбележува од 1996 година, кога Бугарскиот лекарски сојуз (БЛС) го прогласил светецот за покровител на медицинската професија, јавува БТА.
На свечена церемонија утре ќе биде доделена наградата „Лекар на годината 2025“. Минатогодишната добитничка, проф. Марија Токмакова, упати апел младите лекари да останат и да работат во Бугарија.
Според податоците од Националниот здравствен информативен систем, во Бугарија има 34.247 лекари, од кои 23.846 се со специјалност. Најмногу се специјалисти по „внатрешни болести“ – 4.366, додека само еден лекар има специјалност „медицинска педагогија“. Бројот на општи лекари изнесува 3.741, а најмалку ги има во областа Трговиште – само 42.
Во периодот од 31 октомври до 2 ноември, во туристичкиот комплекс „Св. Св. Константин и Елена“ ќе се одржи Седмиот конгрес на БЛС на тема „Политики во здравството“. Форумот ќе биде со меѓународно учество, а ќе се дискутираат правните и етичките аспекти на здравствената грижа, континуираното медицинско образование, трансплантациите и донорството, како и организацијата и управувањето со здравствениот систем.

