Во Бугарија се поврзуваат универзитетите и бизнисот: Награда од 5.000 евра за најдобрата студентска иновација
Ректорите на осум државни високообразовни установи ќе потпишат меморандум за партнерство во рамките на третото издание на „GEN I: Генерација иновација“ – единствената образовна програма од ваков вид во Бугарија, која обединува студенти од различни универзитети, студиски програми и професионални области во интердисциплинарни тимови. Тие работат на реални деловни проблеми со поддршка од искусни ментори и ја користат методологијата Design Thinking за да создадат иновативни и практично применливи решенија. Потпишувањето на меморандумот ќе се одржи на 19 октомври во 10:00 часот, во салата „Тех арена“ на Техничкиот универзитет во Софија, соопштија организаторите, јавува БТА.
Програмата „GEN I: Генерација иновација“, иницирана од Schwarz Digits Bulgaria, започна пред две години во Варна, продолжи со второто издание во Пловдив, а оваа есен доаѓа во Софија во својот досега најобемен формат. Во иницијативата се вклучени осум државни високообразовни установи и седум деловни партнери – водечки компании од различни сектори. Третото издание на програмата се организира под покровителство на министерот за образование и наука, проф. Георги Валчев.
Меморандумот за партнерство ќе го потпишат ректорите на Медицинскиот универзитет во Софија, Националната академија за театарска и филмска уметност „Крстјо Сарафов“, Националната ликовна академија, Софискиот универзитет „Св. Климент Охридски“, Техничкиот универзитет во Софија, Универзитетот за национално и светско стопанство, Универзитетот за архитектура, градежништво и геодезија и Хемиско-технолошкиот и металуршки универзитет.
Во софиското издание, околу 40 студенти ќе бидат распределени во седум мултидисциплинарни тимови, кои во текот на три месеци ќе работат на седум реални деловни предизвици поставени од седумте партнерски компании. Учесниците ќе поминат низ структуриран иновациски процес – од истражување и анализа на проблемот, преку создавање и развивање идеи, до изработка на прототипи. Методологијата е инспирирана од програма на Универзитетот Стенфорд, а во текот на целиот процес студентите ќе работат со ментори од различни индустрии. На финалето во февруари 2027 година, тимовите ќе ги претстават своите решенија пред жири, а најдобриот проект ќе освои награда од 5.000 евра.
Пријавувањето е отворено онлајн на geni.bg до 26 октомври за студенти од сите студиски програми и од сите државни високообразовни установи во Софија, без оглед дали нивниот универзитет е меѓу официјалните партнери. Учеството е бесплатно.
