| |

ВО ЦЕНТАРОТ НА ПЕШТЕРАТА НА ЗЛОБНИТЕ ЏУЏИЊА

Полека чекорев по чистите мермерни скали. Пред мене одеше Васко Ефтов. Се искачивме на првиот кат и фативме десно низ осветлениот ходник. “Немај гајле, како што се договоривме денес на нашата двочасовна средба во Дежа Ву, ќе направиме едно коректно интервју во кое 
ќе имаш можност да одговориш на моите прашања“, со најпријателски глас ми објаснуваше Ефтов. Зборувајки дојдовме до една убава, масивна влезна врата. Васко внимателно отвори. Влеговме во еден најобичен, убаво наместен секојдневен стан во кој престојуваат луѓе. Вниманието ми го привлече една обична ѕидна тапета со специфична јарка боја. Бордо или лилјакова, којзнае каква беше. Лево од неа имаше друга ѕидна тапета со шари кои наликуваа на тенки гранки од дрвја без лисја. Најобичен стан кој воопшто не личеше на телевизиско студио.

Одеднаш се запалија неколку ниско наместени рефлектори кои осветлија ниска маса со две ниски столици околу која беа наместени неколку ниски камери. Во истиот момент убавиот стан се претвори во некаква мрачна, полуосветлена пештера од бајките на браќата Грим. Гранките од тапетата како да се надвиснаа над мене и како да сакаа да ми се обвиткат околу врат и да ме задават. Внимателно погледнав околу мене. Пријателски настроениот и зборлест Васко исчезна. Одеднаш го снема. Го немаше никаде. На местото каде што се наоѓаше тој сега стоеше едно мало и злобно џуџе од бајките на Грим. Џуџе кое со крволочен поглед гледаше во мене. Уште едно, наизглед не помалку злобно и крволочно џуџе, трчаше околу камерите местејки низок ракурс. За миг се почувствував како плен фатен во метална стапица со остри запци, која забивајки се во зглобот на моето стапало ги искршила ситните коски и не ми дава да мрднам.

Злобните и пакосни џуџиња се растрчаа околу мене. Едното од нив ме понуди кафе. Тогаш, нешто во мене ме предупреди на опасност. Очите на џуџињата сјаеа со чуден сјај. Ми наликуваа на крволочни ѕверови полни со омраза кон својот плен, непосредно пред да почнат да локаат крв додека сеуште живата жртва беспомошно мрда и прета. Кафете кое ми го понуди едно од злобните џуџиња ме потсети на јаболкото кое вештерката и го дала на Снежана. “Заеби“, си реков. “Не ти треба кафе, којзнае што имаат ставено во него“, си помислив во себе.

Полека седнав на масата, се поднаместив на столот. Џуџињата некако среќно гледаа во мене. Повторно ме обзеде она чувство дека седам пред крволочни ѕверови кои ги оближуваат своите валкани и смрдливи муцки очекувајки шумно да локаат од мојата топла крв додека јас беспомошно претам, живеејки ги моите последни минути. Злобата. Злобата во очите на џуџињата беше она што ме згрози. Изгледот на нивните лица, гримасите околу устатата на едното џуџе кое изгледаше како којот кој р’жи, само го надополнуваше нивниот вкупен злобен изглед. На моменти, додека едното од џуџињата зборуваше кон мене, лицето му се кривеше во некоја чудна гримаса полна со пакост и злоба која неодоливо ме потсетуваше на сцената од еден документарен филм во која неколку крволочни којоти трчаат покрај еден уморен, болен и остарен лав, чекајки го да стане доволно беспомошен и слаб за да можат на живо да локаат од неговата топла крв, да ги кинат неговите ослабнати но сеуште топли мускули, да му ги истргнат надвор од утробата неговите црева за да си ги наполнат нивните мешиња. Мешињата да им се полни, другото не е важно. Тоа што жртвата претходно веќе дала крв за татковината за џуџињата воопшто не беше важно. Важно беше уште еднаш да се наполнат мешињата на џуџињата. А жртвата кој ја…

Откако се поднаместија едното џуџе седна пред мене и со крволочен израз на лицето ми се нафрли веднаш. Во првиот налет смирено му ритнав една клоца директно во искезената фаца. Џуџето со квичење побегна назад и почна да кружи и р’жи околу мене. Потоа повторно ми скокна. Му плеснав уште една клоца директно во неговата крвожедна фаца…

Васко Ефтов неодоливо ме потсетува на човек – нечовек кој упорно се обидува да го минира кревкиот соживот во нашата напатена земја. Човек – нечовек кој во случај на нова војна ќе се скрие во најдлабоката глувчешка дупка која ќе ја најде. Човек – нечовек кој живее за моментот да има нова војна само за да може да снима “патриотски“ емисии во некоја длабока дупка додека наоколу гинат невини млади луѓе. И сето тоа само за да се јаде нешто. Сето тоа само за неговото меше да биде полно. Макар и со човечко месо и човечка крв.

Останатото можете да го погледате вечерва околу 22.00 часот на ТВ Алфа или малку подоцна на YouTube.

П.С. За оние кои се помлади и не знаат. До пред некоја година Васко Ефтов жестоко ги подржуваше СДСМ. Во моментот кога не ја доби очекуваната позиција во СДСМ Васко Ефтов од жесток подржувач на СДСМ стана уште пожесток непријател на СДСМ и уште пожесток подржувач на ДПМНЕ.

Автор: Стојанче Ангелов, политичар, генерал од МВР

Слични Објави