Во Европскиот парламент ќе се одбележат 20 години од пристапувањето на Бугарија и Романија во ЕУ
Со свечен настан под мотото „Заедничко патување, заедничка иднина“, денеска, 17 ноември, во Европскиот парламент во Брисел ќе бидат одбележани 20 години од пристапувањето на Бугарија и Романија во Европската Унија, јавува БГНЕС.
На церемонијата ќе се обрати претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола. Се очекува присуство на претставници на европските институции и на политичари вклучени во процесот на пристапување на двете земји.
Бугарија и Романија станаа членки на ЕУ на 1 јануари 2007 година, по потпишувањето на договорот за пристапување на 25 април 2005 година во Луксембург.
Во пресрет на настанот, Европскиот парламент објави два аналитички прегледа за економските и општествените промени во двете држави. Според анализата за Бугарија, бруто-домашниот производ по жител, според стандардите на куповна моќ, се зголемил од 38,4 отсто од просекот на ЕУ во 2006 година на 68 отсто во 2025 година. Извозот речиси се удвоил во реална вредност, а европското финансирање придонело за модернизација на инфраструктурата.
Како преостанати предизвици за Бугарија се наведуваат нееднаквоста во приходите, регионалните разлики, пристапот до здравство и образование, корупцијата и независноста на судството.
Според анализата за Романија, реалниот БДП во 2025 година бил приближно 67 отсто повисок отколку во 2006 година. Од 2007 до 2025 година земјата добила 100,2 милијарди евра од буџетот на ЕУ, а уплатила 35,2 милијарди евра. Европските средства го поддржале развојот на инфраструктурата, здравството, образованието, земјоделството и бизнисот.
