Во Кавадарци ќе започне настава за струката-медицинска сестра
Во Кавадарци од следната учебна година ќе се започне со настава по сосема нов профил – медицинска сестра, потврдија денеска од СОУ „Ѓорче Петров“. Ова е првпат ваква образовна насока да се воведе во Тиквешијата, а веќе има интерес од ученици за запишување.
Средното училиште, кое функционира речиси седум децении, добива одобрение од Министерството за образование и наука за новата паралелка, каде ќе бидат примени 34 ученици. Уписите започнуваат за неколку дена.
– Нашето училиште има долга традиција и е препознаено како место каде се оформуваат стручни кадри. Досега најмногу сме образувале ученици во земјоделската и шумарската струка. Многумина од нив се веќе вработени или самовработени и придонесуваат во развојот на заедницата. Нашето мото е: „Денеска ученик, утре стручњак“, изјави Горан Зимоски, помошник-директор на училиштето, за МИА.
Тој посочи дека во последните години училиштето се прошири со нови насоки – како фармацијата, која исто така привлекува се поголем интерес. Постојат и гимназиско образование и спортска академија, што овозможува избор за учениците според нивните интереси и таленти.
За новиот медицински профил, училиштето веќе има склучено договори за соработка со Општата болница во Кавадарци, како и со две приватни здравствени установи. Таму учениците ќе имаат можност за изведување практична настава.
– Посветени сме на квалитетна, современа и практична настава, која им нуди реални можности на учениците за вработување по завршувањето на школувањето, потенцираше Зимоски.
Секоја година околу 130 ученици се запишуваат во прва година во ова училиште, а вкупниот број на ученици од сите четири години се движи околу 370.

