ВО КОЧАНИ ЌЕ НАСТАПИ КАНАДСКОТО ДУО ЕЛСИАН

Истакнато Култура

На 20 ноември, во Центарот за култура „Бели мугри“ во Кочани, ќе настапи канадското дуо Елсиан, кое е на европска турнеја и за прв пат ќе гостува во Македонија.

Пејачката Елсиан Каплет е мултиинструменталист со извонреден глас, а Стефан Сото е талентиран, самоук и инстинктивен тапанар. Бендот е основан во 2000 година во Монтреал и е спој на заедничкиот сензибилитет кон жанрови како што се џез, рок, електроника и world music што произведува единствена креативност кај неговите членови.

Нивната музика се оценува како мистична и космична, амбиентална музика којашто одвлекува од баналноста на секојдневието.

Деби албумот на Елсиан, „Хибрид“ е издаден во 2007 година и доби признанија од целиот свет. Нивните турнеи низ Северна Америка, настапите на Меѓународниот џез-фестивал во Монтреал и Меѓународниот филмски фестивал во Торонто, соработката со Оливие Дуфур и со познатата компанија Cirque du Soleil, го зацементираа статусот на дуото како еден од најперспективните бендови кои доаѓаат од северноамериканскиот континент.

Вториот албум „Механика на емоции“, е издаден во 2012 година, каде што го претставија новото чувство за светлина и сенка во нивните длабоки и мистични трип-хоп песни.
Актуелниот, трет студиски албум „Смртта на младиот уметник“ го објавија во почетокот на 2017 година и за своето ново уметничко дело експресно добија исклучително позитивни реакции од своите верни фанови, како и одлични оценки од многу музички критичари.

Кочани е првата македонска дестинација на овој бенд со светско реноме. Концертот ќе започне во 20 ч.