| |

ВО ОХРИД И СТРУГА ПРИВЕДЕНИ ТРИ ЛИЦА ШТО ЈА ПРЕКРШИЛЕ ЗАБРАНАТА ЗА ДВИЖЕЊЕ

Безбедносната состојба на подрачјето на СВР Охрид е стабилна. Изминатово деноноќие, во периодот од 7 часот на 15 април до 7 часот на 16 април, три лица (Охрид – 2, Струга – 1) не ја почитувале забраната за движење за време на спроведување на мерките за ограничено движење и заштита на граѓаните од ширење на коронавирусот Ковид-19. Тие се приведени и против нив ќе биде поднесена кривична пријава.

Во истиот период нема нарушувања на јавниот ред и мир, не се регистрирани кражби и сообраќајни незгоди. Непречено се одвива контролата на лица што се под мерките задолжителен државен карантин, здравствен надзор и домашна изолација и задолжителна 14-дневна самоизолација. Во Охрид регистрирани се 14 нови лица со решение за изолација и извршени се 7 контроли на лицата што веќе се во изолација. Евидентирани се 20 нови лица во самоизолација (Охрид – 2, Струга – 15, Кичево – 3) и извршени се 370 контроли врз овие лица (Охрид – 44, Струга – 191, Кичево – 20 и Дебар – 115).

На подрачјето на СВР Охрид регистрирани се вкупно 301 лице што се под задолжителна мерка државен карантин (Охрид – 120, Струга – 181), кои се сместени во три сместувачки објекти (Охрид – 2, Струга – 1). Полициските службеници извршија 96 контроли на угостителски објекти (Охрид – 16, Кичево – 37, Дебар -43).

„Упатуваме апел до граѓаните строго да ја почитуваат одлуката на Владата за забрана за движење на сите граѓани на целата територија, секој работен ден, од понеделник до петок, од 16 часот до 5 часот наредниот ден. Апелираме на совесно и дисциплинирано придржување до сите други препорачани мерки и насоки во врска со спречувањето на ширењето на коронавирусот (Ковид-19), а сите правни и физички лица строго да се придржуваат до насоките на полициските службеници. Граѓаните на бесплатниот телефонски број 08 0000 201 или на 192 може да ги пријавуваат сите случаи на лица што ги прекршуваат одредбите за задолжителна 14-дневна самоизолација. Сите оние што ги прекршуваат дадените препораки, ќе бидат санкционирани во согласност со член 205 и 206 од Кривичниот законик“, информираат од СВР Охрид.

Извор: Макфакс



Слични Објави