ВО ОХРИД ЗАСЕГА НЕМА ДА СЕ РУШАТ ДИВОГРАДБИТЕ, АМА НЕМА И ДА СЕ ГРАДАТ НОВИ

Советот на Општина Охрид денеска на седница ја усвои предлог-одлуката за мораториум на градење и донесување урбанистички планови, како и легализација на објекти до донесување на Планот за управување со светскиот природно и културно наследство на Охридскиот регион, или најдоцна до 1 февруари идната година, јавува Плусинфо.

Градоначалникот на Охрид Константин Георгиески ја поздрави одлуката на советниците да се подржат активностите во насока на зачувување на заштитениот статус на градот под УНЕСКО.

– После завршувањето на 143-тата сесија на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО секојдневно работиме на исполнување на дадените владини задолженија, со цел Охридскиот регион да не биде впишан на листата загрозени светски наследства. Изготвивме акциски план во кој се опфатени сите чекори, постапки, активности за наредниот период, што се однесуваат на исполнување на препоракиете на Комитетот на УНЕСКО, а се во надлежност на Општината – рече Георгиески, истакнувајќи дека за деталите на планот јавноста биде запознаена дополнително.