|

Во петок ќе бидат објавени резултатите за присуството на тешки метали во воздухот по пожарот во Трубарево

Првичните анализи на квалитетот на воздухот на денот на пожарот во објектот на компанијата „Ф-Групација“ во Трубарево укажуваат на драстично зголемување на повеќе параметри – од два до три пати над дозволените граници, јавува Рацин. Најголемо отстапување е забележано кај јаглерод моноксидот, чија максимална дозволена вредност е 10 mg/m³, додека на едно од мерните места концентрацијата достигнала 300 mg/m³.

Директорката на Државниот инспекторат за животна средина, Ивана Гиновска, соопшти дека резултатите се добиени од акредитирана лабораторија и се однесуваат на денот на пожарот. „Ова се резултати земени на денот на пожарот, од акредитирана лабораторија. Зголемувањето на параметрите е очекувано при вакви настани,“ изјави таа, додавајќи дека деталните податоци за присуството на тешки метали ќе бидат објавени во петок.

Ректорот на Универзитетот „Гоце Делчев“ и раководител на лабораторијата, Дејан Мираковски, појасни дека се поставени два уреди за 24-часовно следење на честичките во воздухот во наредните пет дена. „Ќе анализираме 32 елементи, меѓу кои никел, кадмиум, арсен, олово и жива. Мериме на две локации – близу пожарот и неколку стотици метри подалеку – за да ја утврдиме концентрацијата на честичките и нивниот состав и да ги споредиме со регулативите,“ рече Мираковски.

Во меѓувреме, Институтот за јавно здравје ги објави резултатите од мерењата на воздухот и почвата за евентуално јонизирачко зрачење. Според нив, сите вредности се во рамките на дозволените граници и не претставуваат опасност по населението.

Слични Објави