ВО ШПАНИЈА СЕ НАМАЛУВА БРОЈОТ НА ПОЧИНАТИ, ВО МАДРИД Е ЗАТВОРЕНО ЛИЗГАЛИШТЕТО ПРЕТВОРЕНО ВО МРТОВЕЧНИЦА (ВИДЕО)

//

Во Шпанија денес од коронавирус починале 435 лица, продолжувајќи го трендот на намален број жртви четврти ден по ред, соопшти Министерството за здравство, пренесува Канал5.

„Се задржуваме на околу 400 смртни случаи во последниве денови, но во однос на минатата недела, има видлив напредок“, рече раководителот на владиниот оддел за здравство Фернандо Симон на конференцијата за медиуми. Минатата недела, меѓу 517 и 565 пациенти умираа од коронавирус секој ден.

Шпанија со 21.717 жртви е втора земја во Европа во однос на смртните случаи од коронавирус, по Италија.

Денеска со една минута молчење и интонирање на националната химна беше затворено градското лизгалиште во Мадрид, кое беше претворено во мртовечница во последните неколку недели. Бидејќи имало голем број ковчези, градската мртовечница не можела да ги прими сите, па така 1146 тела биле донесени во пренаменетото лизгалиште. Притисокот се намали и телата сега се преселуваат на други места.

Во Шпанија, земја со најголем број пациенти во Европа, заразени се 208.389 лица, а 85.915 се опоравуваат.

Премиерот Педро Санчез, кој денеска побара од парламентот да ја продолжи вонредната состојба до 10 мај, рече дека може да ја олесни контролата врз движењата на населението во втората половина на мај. Тој не даде детали, исто како и првиот човек на медицинскиот оддел Симон.



„Сите знаеме дека стапката на распространетост на коронавирусот опадна, но тоа допрва треба да биде проверено и потврдено. Точно е дека ќе може постепено да се попуштат мерките за ограничување на движењето на жителите, но условите за тоа допрва треба да се создадат“, рече Симон.

Од 14 март, околу 47 милиони луѓе се затворени во своите домови и може да одат само во продавници за храна, аптеки, болници, киосци, банки, бензински пумпи и да го прошетаат кучето пред домот. Само оние во итните професии, како што се производство и дистрибуција на храна, електрична енергија и гас, и работници во индустријата и градежништвото заминуваат на работа.

На децата им е забрането да излегуваат надвор и само едно лице по домаќинство може да оди во продавници. Забрането е собирање на две или повеќе лица заедно.

Од недела на деца до 14 години ќе им биде дозволено да го придружуваат едниот родител кога одат во самопослуга и аптека, соопшти владата. Сепак, Симон рече дека децата не треба да одат во продавници со своите родители, затоа што во супермаркетите имаат поголема можност за контакт со луѓе отколку на улица.

Претходна статија

ГЕРМАНИЈА ОДОБРИ ТЕСТИРАЊЕ НА ВАКЦИНА ПРОТИВ КОРОНАВИРУС НА ЛУЃЕ

Следна статија

ИНФЕКТИВНАТА КЛИНИКА СО ДЕМАНТ ЗА ТВРДЕЊАТА НА МАЈКАТА ОД КОЧАНИ: ДЕТЕТО СЕКОЈ ДЕН РЕДОВНО СЕ ПРЕГЛЕДУВА

Најново од Вести