| |

Во Софија до крајот на 2026 година ќе бидат засадени над 4.500 дрвја

До крајот на годинава бројот на дрвја засадени во Софија во 2026 година ќе надмине 4.500, најави градоначалникот Васил Терзиев, пренесува 24 часа. Во таа бројка не се вклучени повеќе од 14.000 садници засадени во текот на двете сезони на садење во „Новата шума на Софија“ кај Банкја.

Годинашниот план за озеленување предвидува и садење на повеќе од 20.000 повеќегодишни растенија и украсни грмушки, како и над 1.500 метри нова жива ограда. Дел од насадите се предвидени со програмите за подобрување на квалитетот на воздухот. На булеварот „Бугарија“ веќе е засадена жива ограда од фотинија, за која се очекува следната година да образува густ зелен појас.

Градот постепено ги заменува сезонските цвеќиња со повеќегодишни видови. Во 2024 година биле засадени околу 550.000 сезонски цвеќиња, а во 2025 година повеќе од 500.000. Годинава се засадени 250.000 сезонски цвеќиња и 70.000 луковици од лалиња и нарциси.

Во пресрет на зимата, градските екипи ги чистат патеките во парковите и ги отстрануваат сувите и опасни дрвја. За собирање и превоз на лисја, гранки и отпад се набавени четири мали електрични камиони. Повторно е во употреба и возилото со подигнувачка платформа за кастрење високи гранки и отстранување опасни дрвја.

„Ако видите празно место каде што имало дрво или пенушка останата по сечењето, пријавете го тоа преку Call Sofia. Таквите пријави им помагаат на екипите да утврдат каде треба да работат и да го планираат следното садење“, порача Терзиев.

Слични Објави