Во Софија ќе бидат претставени книга и филм посветени на големиот бугарски актер со потекло од Егејска Македонија Наум Шопов
Утре 18 мај, со почеток од 18:30 часот во Општинскиот културен институт „Красно Село“, новинарот Георги Тошев ќе ја претстави својата биографска книга „Личен разговор – белешки од еден живот“, посветена на бугарскиот актер Наум Шопов. Во програмата е вклучена и проекција на филмот „Личен разговор“ кој ги доловува последните години од животот на актерот.
Наум Шопов е еден од најголемите бугарски актери, а позади себе оставил повеќе од 70 театрални постановки и има над 60 улоги во бугарското кино.
„Овој разговор со него го чекав повеќе од 14 години. Виновникот за оваа средба е ликовниот уметник Кољо Карамфилов. Ми се јави и ми рече дека Наум е подготвен. Не можев да поверувам“, изјави Георги Тошев за БНР.
Наум беше многу дискретна и тивка личност, се сеќава тој.
„Моќен на сцената и многу сдржан во својот живот. Благодарен сум за овие средби“.
Кога на актерот му се слошило, а книгата на која работел Георги Тошев сè уште била недовршена, новинарот решил да го праша Шопов за нејзината судбина.
„Пушти ја, затоа што сакам ден кога ќе ме нема, да не измислуваат“
„Излегува дека тој бил пречкртан од списоците на примените на Театарската академија поради политичките убедувања на неговиот татко, кој бил дури и во логорот „Белене“. Ова е приказна за времето кога вредностите биле поместени.
Тошев раскажува за извонредниот начин на кој што Наум Шопов останува верен на себе си и го зачувува своето човечко достоинство во времиња во кои, тоа и не било толку лесно.
„Наум Шопов живее во три епохи. Тоа е долг и исполнет живот. Артистите од неговата генерација не зборуваат само за себе си, не се фалат. Раскажуваат за својот пат преку средбите со други извонредни творци и личности“.
Од далечина на времето, филмот и книгата за Наум Шопов имаат посебна вредност, убеден е Георги Тошев.
„Важно е да се запамети и да се споредува сегашноста со минатото. Можеби ќе најдете впечатливи сличности и морничави коинциденции“, вели Тошев.
Таткото на Наум Шопов- Христо, бил бежанец од костурското село Смрдеш, а неговата мајка Мара Шопова била позната бугарска актерка.
