| |

ВМРО и Македонија: Контроверзите на еден историски мит (1)

Крајот на втората половина на 19-иот век, донел тектонски поместувања во геополитичките разврски на Балканскиот полуостров. По Берлинскиот конгрес, Отоманската империја загубила бројни територии, и на таа сметка се создале независните држави: Србија, Црна Гора, како и Кнежеството Бугарија, и автономната област Источна Румелија. Етногеографска Македонија, на зелена маса во Берлин, била одземена од составот на Санстефанска Бугарија, и била вратена назад во рамките на Отоманската империја. Ваквиот развој на настаните, создал големо незадоволство како меѓу интелектуалната струја во двете бугарски држави, така и меѓу широките народни маси. Сонот за „ обединување на сите бугарски земји“, бил срушен во Берлин.

Под водство на кнезот Александар Батенберг, а под голем притисок на бугарските политички партии, бугарската егзархија, како и на интелектуалната елита, во 1885 година, по кратко востание , доаѓа до обединување на Кнежеството Бугарија со Источна Румелија, со што се создава модерната бугарска држава. Сепак, и по обединувањето на двете бугарски земји, незадоволството и понатаму постоело, бидејќи Македонија се уште била надвор од државните рамки на новосоздадената бугарска држава. Апостолот на бугарската национална преродба, Стефан Стамболов, во годините на закрепнувањето на бугарската обединета држава, го праќа на дипломатска мисија , и му дава задача на својот министер за надворешни работи Константин Стоилов, да ги убеди Западните сили, да им дадат поголеми права на „ Бугарите во подвластената Македонија“.

При таа дипломатска турнеја, Стоилов се среќава со италијанскиот премиер Франческо Криспи во Рим, со британскиот лорд Солзбери, како и со австро-унгарскиот министер за надворешни работи гроф Калноки во Виена. Разбирајќи дека прекршените интереси на Великите сили, не дозволувале да се создаде една голема бугарска држава која би се простирала од „ Охрид до Црното море, како и од Дунав до Белото море“, тогашните бугарски политички првенци, прават план и стратегија за „ ослободување на македонските земји“, и нивно присоединување во рамките на слободната бугарска држава.

Имено, министер- претседателот на Бугарија Стефан Стамболов, му наложува на својот министер Стоилов, да работи на создавање на внатрешна револуционерна организација во Македонија, која ќе има за цел и задача да ја ослободи Македонија. Таа организација било предвидено, да создаде и да вдахне национален дух кај поробеното население, да ја изгради националната свест, и преку револуционерна борба да го поведе народот во ослободително востание. За таа цел, организацијата имала задача да отвора училишта во кои ќе се образува и воспитува народот во револуционерен дух. Исто така, организацијата имала за задача да работи на создавање на инфраструктурни и политички врски со државата Бугарија.

На 23.10.1893 година ( по стар календар) во град Солун, во куќата на книжарот Иван Хаџи-Николов од страна на шестмина македонски интелектуалци се создава тајната македонска револуционерна организација, која првоначално го добива името : Бугарско-македонско-одрински револуционерни комитети (БМОРК). Неа ја конституираат: Д-р Христо Татарчев, Иван Хаџи Николов, Дамјан Груев, Андон Димитров, Христо Батанџиев и Петар Поп Арсов. Всушност самата средба била од неформален карактер, на која се разговарало за „ остварувањето на полните политички права на Македонците од членот 23 од Берлинскиот конгрес“.

Конституирањето на организацијата се случило на Ресенскиот конрес, летото идната 1894 година, кога се носи и новиот Устав, а се издаваат и весниците „ На оружје“ и „ Бунтовник“. Се изготвува и правилник на самата организација со која се уредуваат односите и се поставуваат организациските дејности на месните комитети. На почетокот, организацијата се развива бавно, бидејќи се запазува нејзиниот конспиративен елемент и карактер. Во понатамошност, таа се јавува како трибун на народната волја за ослободување, и огромна улога во таа идеа, играат учениците и воспитаниците на солунската машка гимназија. На вториот Солунски конрес, во 1896 година, Организацијата зема важни и битни решенија, со кои се проектира идниот пат на дејствување. Териториите на кои дејствува организацијата се поделени на окрузи и околии, се со цел нејзино подобро вмрежување, и ширење на народноослободителната мисија.

Конгресот избира и органи на управување, наречени раководни тела, со цел подобра хиреархиска поставеност на самата организација. Најниски раководни органи се селските и градските комитети, чии членови ги избира околискиот комитет, а врската меѓу овие тела со највисокиот Централен комитет се остварува преку тајни писма. Во овој период, активно учество зема и Гоце Делчев, кој во 1894 година се вклучува во организацијата . Тој, во тоа време работи како егзархиски учител, а со одлука на конресот е избран за задграничен претставник на Организацијата во Софија. Растежот на организацијата и нејзиното се помасовно ширење и популаризирање меѓу широките народни маси, бара и финансиски средства. Контроверзните извори околу начинот на финансирање на самата организација се многубројни.

Освен тоа што секој член, плаќа сопствен паричен внос за финансирање на активностите на Организацијата, некои историчари сметаат дека истата е финансирана директно од страна на бугарската држава, со намера да има нејзино влијание врз одлуките и дејствувањето на самата организација. Богати капиталци, исто така преку разни здруженија учествуваат со свои сопствени средства за финансирање на револуционерната тајна организација, за нејзино омасовување и подобро вооружување.

( Продолжува)

Автор: М-р Благојче Атанасоски

Слични Објави