Во Софија започнува петтата средба на раководителите на бугарските фолклорни ансамбли од странство
Во Софија денеска, 6 ноември, започнува петтата творечка средба на раководителите на бугарските фолклорни ансамбли од странство, во организација на Асоцијацијата на бугарските фолклорни ансамбли во странство (АБФСЧ), јавува БТА.
Тридневниот настан, кој ќе трае до 8 ноември, ќе собере 90 раководители на танцови ансамбли и хорови од различни земји, вклучително и претставници од Јужна Америка.
Годинешната средба е посветена на Шопската фолклорна област, а програмата опфаќа семинари, работилници и практични активности од областа на кореографијата, етнологијата и традиционалната музика. Посебно внимание ќе биде посветено на вокалните техники и традиционалниот репертоар.
Пред официјалното отворање, учесниците ќе го посетат Националното училиште за танцова уметност во Софија. Предвидена е и средба со претставници на бугарските институции, на која ќе се разговара за финансирање, поддршка и партнерства со фолклорните ансамбли во странство.
Еден од главните настани е концертот „10 години АБФСЧ“, кој ќе се одржи на 7 ноември во Софија, под покровителство на претседателката на Бугарија Илијана Јотова. На концертот за првпат заедно на бугарска сцена ќе се претстават три меѓународни фолклорни здруженија.
Асоцијацијата на бугарските фолклорни ансамбли во странство годинава одбележува десет години од основањето, а нејзината главна цел е зачувување и промовирање на бугарскиот фолклор меѓу заедниците во странство.
