Во Созопол и Приморско веќе има резервации за „Евровизија“: Следната година хотелите ќе отворат уште од 1 мај
Приморско и Созопол веќе бележат резервации за периодот во кој во мај 2027 година во Бургас ќе се одржи „Евровизија“, а локалните власти и туристичкиот сектор почнаа подготовки за транспорт, сместување и придружни настани, јавува Actualno.com.
Градоначалникот на Приморско, Иван Гајков, соопшти дека за периодот од 11 до 15 мај веќе има десетици резервации во приморското одморалиште.
Тој потсети на идејата на градоначалникот на Бургас, Димитар Николов, регионот да понуди единствен туристички производ што ќе го опфати целото бугарско Црноморие.
„На 30 минути сме од Бургас и со колегите од Царево и Созопол ни претстои средба на која ќе направиме распоред за да има подобра поврзаност со Бургас. Сметам дека ќе успееме да го претставиме најдоброто од нашите општини“, изјави Гајков.
Според него, Приморско ќе може да одговори на зголемената побарувачка. Хотелиерите и ресторанските работници го увериле дека во 2027 година поголем број објекти ќе почнат со работа уште од 1 мај, пренесува БНР.
Подготовки веќе се водат и во Созопол, каде што исто така има резервации за мај. Локалната власт одржа работна средба со претставници на туристичкиот сектор и локалниот бизнис за да се утврди стратегија за искористување на потенцијалот што го носи „Евровизија 2027“.
Меѓу главните теми биле транспортот, инфраструктурата, организацијата на настани, рекламата, безбедноста и работата на туристичкиот сектор надвор од активната летна сезона.
Градоначалникот на Созопол, Тихомир Јанакиев, особено нагласил дека за време на настанот не треба да има прекумерно зголемување на цените. Според него, градот треба да ја искористи можноста да привлече нови гости и да ги придобие како идни туристи.
Организацијата на транспортот меѓу Созопол и Бургас била една од најважните теми на разговорите. Меѓу предлозите е воспоставување специјални автобуски линии што би сообраќале до доцните вечерни часови, како и транспорт означен со „Созопол – Евровизија“, кој би ги поврзувал двата града за време на натпреварот.
Бизнис-секторот побарал однапред да бидат утврдени автобуските постојки и возниот ред, како и туристите навреме да добијат информации за можностите за превоз.
Претставници на туристичкиот сектор соопштиле дека и во Созопол веќе има резервации за периодот од 11 до 15 мај 2027 година.
Очекувањата се дел од посетителите на „Евровизија“ да останат во регионот и неколку дена пред и по конкурсот, што дополнително го отвора прашањето кои хотели и ресторани ќе работат во тој период и со каков капацитет.
Општина Созопол планира и поставување фан-зони и видеоекрани на кои посетителите ќе можат во живо да ја следат „Евровизија“.
„Не сакаме да се одделуваме од колегите во Бургас, туку напротив – сакаме да бидеме подготвени и да го подготвиме Созопол за масовната посета за време на Евровизија и за претставувањето на Бугарија“, изјави Јанакиев.
Меѓу разгледуваните идеи се и дополнителни културни и забавни настани, специјални фестивалски формати по завршувањето на „Евровизија“, како и поактивна промоција на Созопол преку туристичките платформи Visit Sozopol и Go to Burgas.
Целта е туристичкиот интерес да продолжи и по финалето на натпреварот, а дел од гостите да останат подолго во Созопол и поширокиот регион.
