|

Во Турција се регистрирани повеќе од 7.200 последователни потреси

Најмалку 42.310 луѓе загинаа, а повеќе од 100.000 беа повредени во двата силни земјотреси што на 6 февруари ја потресоа јужна Турција.

Турската Агенција за управување со вонредни состојби извести дека по земјотресот на 6 февруари со епицентар во Кахраманмараш и Хатај се случиле 7.242 последователни потреси.

Според податоците на АФАД, 41 последователен земјотрес биле со магнитуда меѓу пет и шест степени, додека 450 земјотреси биле со јачина меѓу четири и пет степени според Рихтеровата скала, јавува агенцијата „Анадолија“.

Најмалку 42.310 луѓе загинаа, а повеќе од 100.000 беа повредени во двата силни земјотреси што на 6 февруари ја потресоа јужна Турција.

Земјотресите со јачина од 7,7 и 7,6 степени според Рихтеровата скала, со епицентар во провинцијата Кахраманмараш, погодија повеќе од 13 милиони луѓе во 11 провинции.

Земјотреси беа почувствувани и во регионот, а во Сирија загинаа илјадници луѓе.

„Повеќе од 250.000 лица за пребарување и спасување моментално работат на теренот“, рече шефот на АФАД Јунус Сезер на прес-конференција.

Турција во понеделникот вечерта ја потресоа нови земјотреси, во кои според досегашните информации загинаа осум лица, а 290 се повредени.

Првиот земјотрес во понеделникот беше со јачина од 6,4 степени според Рихтеровата скала, а вториот 5,8, двата во провинцијата Хатај.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека од првиот ден по разорните земјотреси турските власти се на терен со сите свои капацитети да им пружат помош на настраданите.

Тој истакна дека болката се зголемува како што завршува отстранувањето на урнатините и се зголемува бројот на жртвите.

„Научниците го опишуваат овој земјотрес што нè погоди во понеделникот на 6 февруари како најсилниот земјотрес во светот што е регистриран на копно“, рече турскиот претседател.

Тој посочи и дека граѓаните кои ги загубија домовите во земјотресот ќе си ги вратат домовите.

„Реконструкцијата на становите уништени во земјотресите на југот на Турција ќе заврши за една година и граѓаните ќе ги вратат своите домови“, рече Ердоган.

На крајот најави дека сите одговорни за пропустите и недостатоците во изградбата на објектите кои се урнаа при земјотресите ќе одговараат пред судовите.

Слични Објави