| |

Во Варна крводарителите добиваат фитнес-картички и бесплатни часови по народни танци

Центарот за трансфузиона хематологија во Варна, започна иницијатива со која крводарителите можат да добијат картичка за фитнес или бесплатни часови по народни танци, пренесува Актуално.

Кампањата, под мотото „Да ја испреплетеме магијата на фолклорот и крвта“, има цел да привлече повеќе доброволни крводарители во период кога зачестуваат несреќите со туристи на бугарското Црноморие.

Иницијативата е поддржана од неколку фитнес-центри и танцови формации во Варна, кои обезбедуваат дополнителни погодности за луѓето што ќе даруваат крв.

„Веруваме дека доброто постои и дека треба да подадеш рака за да спасиш живот. Нашиот клуб поддржува хуманитарни каузи веќе 14 години“, изјави Илијана Иванова од клубот „Морјаците“ за Нова телевизија.

Според д-р Мирела Кирјакова од Центарот за трансфузиона хематологија, потребите од крв традиционално се зголемуваат во текот на летото.

„Имаме потреба од крв од групата 0 позитивна и од сите негативни крвни групи. Крв е неопходна бидејќи има повеќе сообраќајни несреќи и пожари, а се зголемува и бројот на луѓе во регионот“, изјави Кирјакова.

Слични Објави