Во Женева одбележана 100-годишнината на проф. Душан Сиџански
Во Женева се одржа свеченост по повод 100-годишнината на проф. Душан Сиџански, основач на политичките науки на Женевскиот универзитет и член на Меѓународниот советодавен совет на Бугарскиот дипломатски институт, соопшти Институтот.
На настанот присуствуваа претставници на влади и академската заедница, дипломати и пријатели на Сиџански од повеќе држави.
Специјален гостин беше поранешниот претседател на Европската комисија од 2004 до 2014 година, Жозе Мануел Барозо, кој бил студент на Сиџански. Тој одржа говор за иднината на Европа во новиот меѓународен контекст, со осврт на предизвиците поврзани со безбедноста, економијата и новите технологии.
Директорката на Бугарскиот дипломатски институт, Тања Михајлова, му врачи на Сиџански специјална порака од 100 зборови, подготвена на осумте јазици што тој ги владее.
Во рамките на свеченоста беше претставена и неговата мемоарска книга „Животот на еден Европеец“.
„Му посакуваме здравје и остварување на нови проекти, какви што проф. Сиџански спомена дека има“, порачаа од Бугарскиот дипломатски институт.
