| |

Војна на „улиците“- албанскиот патроитизам vs македонското југословенство

Владимир Перев

1. Пролог
Годините 2007-2008 беа обележени со определено смирување на страстите во политиката. Бранко Црвенковски и Љубчо Георгиевски заминаа неповратно од власта, за новата ѕвезда на македонското политичко небо, Никола Груевски полека да ја освојува власта. Локалната власт беше мешана, составена од елементи на претходниот СДСМ-овски режим и на ВМРО-вското владеење на Георгиевски. Албанската ДУИ владееше суверено на своите територии. Во Груевски се препознаваше некаква амбиција за “антиквизација“, но тоа сеуште не беше јасно форматирано. Кај сите во Македонија преовладуваше мислењето дека навлегуваме во мирен период, период на политичка консолидација, демократија, плурализам и напредок кон Европската унија. 

2. Имињата на улиците-лична или политичка пресметка. 
Некаде во тоа време, во 2007 година Општинските собранија на Тетово и на Град Скопје, отворија дебата за имињата на улиците во новото посткомунистичко време и потребата од нивна ревизија. 

2.1.
Собранието на општина Тетова реагираше брзо и целисходно. На седница на Собранието, во Тетово беа променети имињата на улиците и тоа: Плоштадот Маршал Тито и улицата Маршал Тито беа преименувани во Илирија, улицата Југословенска народна армија беше преименувана во Дервиш Цара, улицата 29 Ноември во Мехмед паша Дерала, улицата Радован Цониќ во Абдил Фрашери, Улицата Иво Рибар Лола воKongresi i Manastirit (Битолски Конгрес), улицата Ленинова во Сами Фрашери. Беа преименувани и некои други улици. Одлуката беше влезена во сила, но без одобрение на Владата на РСМ.

2.2. 
Во Собранието на град Скопје работите не одеа така глатко. За разлика од речи си двонационалното Собрание на Тетово, ова собрание беше навистина многунационално, со учество на повеќе политички партии и коалиции и со вечно дивергентни интереси. ВМРО ДПМНЕ спроведе навидум демократска акција за предлози за промена на имињата и давање имиња на нови личности или настани, но на самите седници работата се сопнуваше. Меѓу постарите вмровци акцијата и консултациите ги водеше тогаш младиот советник од ДПМНЕ Влатко Стаматовски. Редовно се консултираше со нас “граѓаните“ барајќи мислења и предлози. Лично напишав неколку предлози за имиња за во Скопје, меѓу кои се сеќавам на имињата на Димитар Чкатров, Јордан Чкатров, Спиро Китинчев, Петар и Жермен Петрови, Коце Ципушев и сл. но од предлогот не излезе ништо. 

3. Анегдоти за нас-политици, маченици и предавници
Подоцна разбрав дека предлозите требало да поминат на соодветна Комисија која ќе ги предложела на Собранието. Претседател на Комисијата беше пиринскиот бегалец по 1948 година и македонски академик д-р Иван Катарџиев. Тој во начело ги прифатил сите предлози, но никако не можело да дојде до дискусија и гласање затоа што “немало време“, “имало други по важни прашања“, “академикот бил во болница“ и слични измислици. Така, вардарските македонци на своја кожа го почуствуваа политичкиот прагматизам и конвертитството на своите пирински браќа…не залудо Ванчо Михајлов му рекол на Георги Лебамов дека “сите пиринци се политици, сите егејци се маченици, а сите вардарци предавници“. 

На седниците на комисијата имало и други лудости. Некои од советниците барале имиња на нивни блиски да бидат вклучени во списокот, блиски кои немале никаква врска со македонските борби, наука или историја. Познатата пејачка на народни песни Есма Реџепова дискретно најавила дека сака улица на свое име. Истиот Влатко Стаматовски, познат по својата бескомпромисна бруталност и непочитување на авторитети и личности, исто така дискретно и кажал дека улици се даваат само на мртви луѓе, напомнувајќи и дека “кога ќе ѝ дојде денот, тој лично ќе се ангажира со нејзиниот случај“. Самиот тој лично предложил тројца претседатели, Џорџ Буш, Жељу Желев и Тургут Озал да добијат улици во Скопје. Потоа бил уредно поканет во американската амбасада каде шефот на македонскиот стаф му се заблагодарил на честа, но го замолил да го повлече предлогот за Буш. 

Никогаш не се заинтересирав кои предлози поминале, само знам дека ниту еден мој предлог не стигнал ни да биде разгледан на Комисијата. Потоа пиринецот-академик умре и работата замре. Се изненадив кога видов дека револуционерот Пандил Шишков добил улица во Скопје. Некои од моите пријатели тврдеа дека ја добил затоа што бил “егеец“ и егејското лоби во Владата ја решило работата. Тоа се примитивни размисли, оние кои знаат повеќе кажуваат дека оние од Градското собрание абер си немале кој е Пандил Шишков па се согласиле да добие улица. 

4. Бранителите на југословенството во Уставниот суд на РСМ
Речи си цели дваесет години “улиците во Тетово“ се наоѓаа во триаголникот на тивките несогласувања меѓу Општината, Владата и Уставниот суд. Конечно деновиве Судот го реши прашањето во полза на непостоечката Организација на борците од НОБ и реши да ги врати старите комунистички имиња на тетовските улици. Денес низ македонските медиуми можат да се прочитаат написи дека враќањето на старите комунистички имиња на тетовските улици е борба против “албанскиот национализам, фашизам и нивните балисти“. Албанските партии, сега за сега, се движат во рамките на соопштенија и млако спротиставување, со уверувања дека ситуацијата не е решена и допрва ќе се решава. Уставниот суд смета дека работата е пресудена и потврдена, но сите знаат дека процесот не е завршен. Имињата на “вратените“ југословенски револуционери од комунистичко време, ништо не му значат на албанското мнозинско население на Тетово. Напротив, тие само будат спомени за тешките времиња и понижувањата што албанците ги доживеаја во Титовата Југославија, потешки од оние во Кралството на Караѓеорѓевиќи. 

5. Историјата која не сакаме да ја знаеме. 
Името на Тито или Југословенската народна армија, на албанците не им значат ништо, само ги потсетуваат на прогоните и затворите во ФНРЈ/СФРЈ. Датумот 29 ноември и формирањето на Југославија се обичен датум. Радован Цониќ е загинат партизан кој нема биографија ниту во тетовската општина, го има само како име, за Иво Рибар Лола се знае како за партиски младински коминтерновски активист, а за Ленин се има негативно мислење. Албанците не сакаат комунизам, барем не македонските албанци. 

Од друга страна Дервиш Цара е водач на Албанското востание (заедно со христијаните) против султанското тимарско владеење во 1844 година, заробен е и умира во Цариград или Солун во истата 1844 година. Роден е во Долно Палчиште и тамошното училиште го носи неговото име. 

Мехмед паша Дерала е роден во тетовско Градец во 1843 година, војник и офицер, член на Призренската лига, а во периодот 1910-1912 учествува во борбите против српските војски. Потписник на Декларацијата за независност и член на владата на Исмаил Кемали. Во 1916 година е заробен од српските војски, затворен во затворите во Белград и Подгорица и таму отруен. 

Битолски конгрес-Kongresi i Manastirit- е албански научен конгрес спроведен во Битола во 1908 година каде се турени темелите на современата албанска азбука. За браќата Фрашери не треба ниту да се говори, нивната ролја во политичкиот и националниот живот на Албанија и на Албанците се општопознати факти. 

Каде некој гледа овде, меѓу овие личности, фашисти и балисти. 

Затемнетите, непознати страници од македонската историја, долго тропаат на цврсто затворените врати на македонскиот Парламент. Не историчарите ниту некоја потисната, острастена и понижувана Комисија, туку Парламентот треба да ја понесе одговорноста за вистинитоста на собитијата и чесната оценка за македонските/албанските патриоти (и за другите припадници на овие простори) и нивното свето дело за слобода. Албанците на овие пространства живеат отсекогаш, а ние сме овде повеќе од 1300 години. 

Нашата историја не е самo Југославија, НОБ и “другарот“ Тито, ниту комунистичките гаулајтери. 

Сите под овој, македонски свод небесен, сме повеќе од тоа, многу повеќе…



Слични Објави