Аболирање на реалноста или аболирање на митот?
Facebook статус на Никица Корубин
Внимавај што ќе посакаш,затоа што можеби ќе се оствари. Така некако, изгледа постизборна Северна Македонија. Ама, не како убав сон од желбите, туку како брутална реалност, долго време шминкана, штитена и форсирана. Тоа “долго време” е всушност нашата повеќе од триесет годишна независност, кога судбината (заробеното општество), го прави својот полн круг и не’ враќа на почетокот.
Но, не на почетокот кој го посакуваат, со психотична негација на се’ што се случило во меѓувреме, туку на почетокот на “падот на магијата” на нивната фингирана и внимателно негувана реалност. “Нивното” време и “нивната” држава. Која не е партиски определена, туку партиски флуктуира по потреба, па прелетува од лажно лево кон лажно десно, каде моментално е стационирана, обидувајќи се со сите сили да остави по некоја база и во (намерно) уништената левица. Центарот е секако унисоно збришан.
Тоа разоткривање, до степен на разголување во секоја смисла, го гледаме деновиве. Денови на паѓање на митот. Митот за македонската “елита”. Од која област и да ја извлечете. Митот за “професорите” експерти по секакво “право”, митот за вештите “политичари” скриени длабоко во сивата клановска позадина, митот за “патриотите” кои сонуваат со очи ширум отворени за “шешељовската дефиниција” на патриотизмот, митот за “религиозноста” на црквата која се де-историзира комотна во својата автономија, митот за “про-ЕУ толку тежок за глума.
Што финишира со митот за искрената љубов и почит кон сопствената држава, со константен третман на “привремена”. Т.н. “БЈРМ” мит, никогаш прежалената референца. Или, како што веројатно би рекла “елитата”: подобро едно “М” како “Македонија” топтан со Југословенска, отколку “чиста и јасна” “Македонија” во Северна Македонија. Што е иманентно и причината за целиот мит.
И на почетокот на новиот циклус, таа “елитата” креаторот на “заробеното општество”, ослабена после сите стратешки договори (Преспанскиот договор, Охридскиот рамковен договор и Договорот со Бугарија), бара начин “нивната” држава, да продолжи да ја контролира, по стар терк, ама во нови околности. За почеток како НАТО држава, а последователно како ЕУ членка. Тоа само значи дека моделот “две столици” од нашата “света Бореја” треба да биде етаблиран или да продолжи ефективно да функционира и понатаму. Парите од ЕУ, заштитата на “елитата” од САД, ама љубовта (и врските и идеологијата) од “северот”, затоа што се’ што е северно е добро, освен Северна Македонија. Затоа што само Северна Македонија е држава сама за себе, зарем не?
И затоа сега е вистинско време за дополна на пропагандата:“никогаш Северна”, може да оди само со својата последица “никогаш Македонија”. Во духот на разоткривањето на митот. Оној за “патриотизмот”. Применлив и канонски, па “секогаш МПЦ”, може да оди само со “никогаш Охридска Архиепископија”. Затоа што лажниот “македонски” по теркот на “елитата” доаѓа со рестрикции. Само за внатрешна употреба, што би рекле, борците за индивидуални човекови права. Вистинскиот секако постои, јасно дефиниран и во Обединетитие нации, во ЕУ и во уставот.
Дали Северна Македонија, денес има сила за конфликт со светот? Реторичко е прашањето и може слободно да се стави во рубрика “хумор и сатира”. Но, е потребно за да се види длабочината на заблудата и хистеријата во која свесно и неодговорно се држат граѓаните 30-тина години.
Преспанскиот договор е договор со светот (Обединетите нации) за меѓународно постоење на државата, која (замислете) од 1991 година не е дел од југословенската политика на користење на македонското прашање во релациите со Грција и Бугарија. На потполно ист, пресликан начин, на кој сега, како бледа копија за воља на вистината се користи “патриотски” во класичен “просрпски” манир за нивна регионална доминација. Еднаш поданик, секогаш поданик.
И не е класичен билатерален спор, туку наш спор со Обединетите нации, кој сите заедно, преку резолуциите на Советот за безбедност, и Времената спогодба (Преспанскиот договор) решија дека името ќе биде Северна Македонија.
Охридскиот рамковен договор е внатрешен интра-етнички и интер-етнички договор за Македонците и на Македонците и Албанците. Тој е договор со кој Македонците треба(а) да излезат од својата наметна албанофобска матрица, и договор со кој ефективно се воспоставува граѓанска држава со почитување на индивидуалната етничка припадност. Договор, со кој на тежок начин, треба(ше) системот да го отвори за сите, а не само за подобните.
Договор со кој треба(ше) да заврши времето кога некои (Македонците) даваат нешто на другите (Албанците), замрзнато време на франкештајновска комбинација на подобност/елитизам/“наши деца”. Тој е договор за трајно, солидарно, стратешко партнерство на етникумите во Северна Македонија против сите империјални и шовинистички идеи, пред се’ оној на “српскиот свет”, како нивна никогаш непрежалена “изгубена територија”.
Договорот со Бугарија е билатерален договор со прв сосед и пријател, држава која прва ја призна независноста на Северна Македонија, и е неопходен за градење на стратешко партнерство во светот и регионот во кој вистински и историски припаѓаме. А, тоа секако не е ниту политичката кованица Западен Балкан, а уште помалку просторот на централна Европа и поранешна СФРЈ. До кој секако ќе дојдеме, но како рамноправен партнер и независна држава Северна Македонија, членка на ЕУ.
Нашиот природен историски регион е Источниот Медитеран, цивилизациски и култоролошки, а практично денес, тоа се соседите Грција и Бугарија како членки на ЕУ, Косово како идентификациона точка на слична судбина и пат, Албанија како партнер во НАТО и дел од истиот културен круг и на крајот Србија како прв сосед, со кој конечно мораме да постигнеме стратешки договор за меѓусебна почит, реално и суштинско признавање на независноста и немешање во внатрешните работи, на кои толку инсистираме vis a vis другите.
И тогаш, конечно митот ќе падне, а Северна Македонија ќе се ослободи од товарот на пост-југословенизмот. Дури тогаш, Северна Македонија ќе биде наша единствена држава. Аболирање на митот или аболирање на реалноста? Без едното мораме, без другото не можеме.
