ВОНРЕДНА ИЛИ ИЗВОНРЕДНА СОСТОЈБА
Претседателот прогласи вонредна состојба на територијата на целата држава. Ја реши дилемата дали вонредна или кризна и каде. Наводно се бориме против вирусот. Сега кога ни се појави во сопствениот дом ќе реагираме со ограничувања на правата и слободите на граѓаните.
Кој не антиципира-реагира. Кога цела Европа веќе беше зафатена, нам тешко ни беше веднаш да реагираме. Затворање на границите, сите дојдени во задолжителен карантин од 15 дена во државен објект под строг надзор и ќе бевме како Макао покрај Кина (така блиско, а сепак заштитено).
Сега сите се молиме на здравствениот персонал, а и сами сме свесни колку ни се можностите. Истите доктори и сестри ги жртвуваме затоа што немаат ниту опрема за самозаштита, а не камо ли медикаменти и респиратори во доволен број. Сега наместен тендер тешко да може да се реализира. Ги праќаме со хируршка опрема во биолошка војна. Па како што би кажале побожните, Господ нека им е напомош.
Е сега следна мерка-нема веќе молба за самоизолација, туку наредба за задолжителен карантин. И целосно под полициски надзор, па кој сака нека бега. Тогаш стапува на сила кривичното право. Истото она што според член 205 од КЗ бара задолжително казнување на самосвесната докторка-директорка на Кожната клиника. Немој Наќе да ни продава филозофии дека кривичната пријава е отфрлена како неоснована. Има право на жалба до Вишото обвинителство. Или сака ние како Граѓанско Демократска Унија да се ставиме над МВР и да почнеме кривичен прогон со барање за казнување на преносителите на болеста? Очигледно СДСМ нема да ги казнува своите функционери, а изгледа и дека ДПМНЕ сака да ги амнестира. Повторно договор, а?
A Владата-поим сам за себе. Техничка со учество на неколку партии, а сепак Влада во сенка ни ја управува државата. Заев ни премиер, ни градоначалник, ни официјален државен функционер ни ги најавува мерките на Владата ден пред другите. Па после иди докажувај се дека Спасовски не ги прима директивите на Бихаќка и не е само ПР на политиката на СДСМ. Е сега кој ни гарантира дека нема да имаме „глув телефон“ при реагирањето?
Ако сега како народ не сме свесни дека вирусот не гледа ниту националност, ниту старост, тогаш немаме ама баш никаква можност да го пребродиме со малку жртви. Ако нашиот инает и тврдоглавост сега не попуштат, ќе не има многу помалку за претстојните избори. И за пописот, да не го заборавиме.
Епа сега, ќе видиме дали ни помагаат залихите од храна и тоалетна. Ако не, ќе ја менуваме стратегијата. Животот ќе најде начин да опстане, само ќе видиме со какви последици.
Автор: Перица Спасовски, претседател на ГДУ- Куманово