|

Вонредна инспекциска контрола во кујната на студентскиот дом Пелагонија

Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), во соработка со Центарот за јавно здравје и претставници од Државниот санитарен и здравствен инспекторат, утрово, по добиено известување за можно труење со храна во студентскиот дом Пелагонија, извршија вонредна инспекциска контрола во кујната.

Инспекторите влегоа во објектот откако студенти преку медиумите обвинија дека шестмина нивни колеги, откако јаделе во мензата на студентскиот дом, завршиле на Инфективната клиника со симптоми на труење.

„Страшно е што треба студентите да се плашат да влезат во кујна, а родителите да ги мислат своите деца дали ќе добијат или не здрава храна. Денес до нас пристигна информација за труење од храна во студентскиот дом Пелагонија во Скопје. Навистина сме згрозени сме од фактот што во моментот многу студенти се жалат и се завршени на инфективните клиники. Го осудувам игнорантниот однос на власта кон студентите и ваквите нехумани услови во кои студентите престојуваат“, изјави за „А1он“ Кристијан Димков од организацијата „Студентски отпор“.

Од страна на инспекторите за храна, кујната е времено затворена. Наредени се мерки за генерално чистење и дезинфекција на објектот. За лабораториско испитување, земени се шест мостри од храната која се послужувала и осум брисеви од работните површини и опремата, соопшти АХВ.

Како што нагласуваат од АХВ, кујната ќе биде повторно пуштена во употреба по добивање на лабораториските наоди со кои ќе се потврди безбедноста и по контролата која ќе направат инспекторите, со која ќе се потврди дека се преземени сите наложени мерки за отстранување на констатираните недоследности.

Извор: Слободен печат



Слични Објави