Вработените во „Гранична полиција“ во Р. Бугарија го слават својот празник
Вработените во Главната управа на граничната полиција во Република Бугарија денес го слават својот професионален празник. На овој датум се одбележуваат 135 години од објавувањето на првиот Закон за гранична заштита во земјата, јавува БГНЕС.
Во знак на почит беа положени венци пред Споменикот на полицајците кои загинале извршувајќи службена должност во градината кај црквата „Св. Седмочисленици“.
По ослободувањето на Бугарија од османлиското ропство, четите и локалните караули се првите чувари на бугарските граници. Овој метод на заштита постои цела деценија. Постепено, пешадиските чети ги презеле функциите на руралните граничари долж границата на Кнежество Бугарија со Романија и Србија. Границата со Турција ја чува специјална жандармерија. Во 1887 година, премиерот и министер за внатрешни работи на Кнежество Бугарија, Стефан Стамболов, во Народното собрание поднел предлог-закон за гранична стража. Законот бил донесен и на 22 декември 1887 година бил објавен во „Државен весник“. Со него заштитата на државните граници е доделена на Министерството за внатрешни работи на Бугарија.
Во 1900 година бил одобрен првиот статут за граничната служба, според кој граничната зона која се протегала на 5 километри во внатрешноста од копнената граница на територијата на Бугарија била ставена под заштита на граничната стража. За време на Балканските војни и Првата светска војна, граничарите се во првите редови на битките. Се борат со висок дух и патриотизам, покажуваат вистинско херојство во битките. Во 1920 година, Советот на министри на Бугарија одлучил да формира Служба за поморска и речна жандармерија. Од 1937 година е утврдена точната ознака на граничната линија со гранични пирамиди и гранична бразда. Во 1938 година, граничната зона на Дунавската и Црноморската граница ги опфаќала територијалните води и брегот со селата долж крајбрежјето. Од 1946 година, структурата за чување на границата се нарекува Гранични војски.
Во 1997 година, со донесување на Законот за Министерството за внатрешните работи, Главната управа „Гранична полиција“ на Р. Бугарија е одредена како специјализирана полициска служба за заштита на државната граница и контрола за почитувањето на граничниот режим. Во 2002 година заврши замената на регрутираните воени лица со професионални гранични полицајци. До 2007 година, во службата се врши преструктурирање и се воведува принципот „Една граница – една безбедносна структура“.

