Вработените во здравството на протест побараа повисоки плати, решение за договорците и одливот на доктори и медицински сестри
Незадоволни од непотпишувањето на анексот на колективниот договор, вработените во здравството денес излегоа на протест пред Министерството за здравство.
Со анексот, платите на вработените треба да се покачат за 15 отсто. Љубиша Каранфиловски, претседателот на Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита порача до политичките партии кои претендираат да ја добијат власта, да се заложат ова барање да биде исполнето и да седнат со нив и да се договорат, да кажат какво решение предлагаат.
На протестот потенцирана беше и потребата да се формира комисија, што побрзо да се доврши изработката на колективниот договор и истиот да се стави на маса и да се потпише.
Претседателот на Синдикатот на Клинички центар Предраг Серафимовски рече и дека има здравствени работници кои 20 години работат по договор на дело во Клиниките, без здравствено и пензиско осигурување. Состојбата ја опиша како егзодус во здравството, постои вели, максимален одлив во странство кај сите профили.
Говорејќи на истата тема, Даница Стојкова која работи како медицинска сестра на Клиниката за гинекологија рече дека ако некогаш имало 4 сестри со еден доктор, денес има три доктори со кои работи една медицинска сестра. Платите не стигнуваат, здравствените работници иднината ја бараат во странство, а во здравствените установи се’ повеќе влегува несоодветен, неспособен медицински кадар, а нивната работа ја извршуваат вработените кои се доста повозрасни од нив, рече таа.