Вториот борбен авион-ловец F-16 Block 70 пристигна во Бугарија
Вториот бугарски авион F-16 Block 70 пристигна во Бугарија денес, на 8 јуни, јавува БГНЕС. Авионoт слета во 15:26 часот во Третата воздухопловна база во с. Граф Игнатиево и беше пречекан од началникот на одбраната адмирал Емил Ефтимов, командантот на Военото воздухопловство генерал-мајор Николај Русев, вршителот на должноста командант на Третата воздухопловна база полковник Методи Орлов и персоналот на базата. Вториот авион F-16 Block 70 е борбен (едносед), со борден број 313. Следуваат техничките и летачките процедури за прием на опремата.
„Процесот на прием на новата платформа F-16 Block 70 во нашето Воено воздухопловство и Бугарската армија продолжува успешно. Добредојде за вториот наш нов борбен авион, кој денес пристигна во Третата воздухопловна база. Продолжуваме со приемот и совладувањето на новите авиони. Целта останува иста – оваа година да ги примиме сите осум F-16 според првиот договор. Работиме интензивно за постигнување на почетни оперативни способности во реални рокови“, изјави началникот на одбраната адмирал Емил Ефтимов.
Во април во земјата пристигна првиот авион F-16 Block 70, кој е наменет за обука и борба. До крајот на 2025 година, според договорот од 2019 година, Бугарија ќе добие вкупно осум вакви авиони. Военото воздухопловство ќе располага со една ескадрила F-16 Block 70 до крајот на 2027 година, кога ќе бидат доставени уште осум авиони според вториот договор.