| |

ВТОРОТО ПОЛУГОДИЕ ПОЧНА СО ХИБРИДНА НАСТАВА, БОЈКОТ НА ДЕЛ ОД МАТУРАНТИТЕ

Наставата во второто полугодие продолжи по истиот, хибриден модел, како и во првиот дел од учебната 2020/2021 година затоа што, според Министерството за образование и наука, се покажал успешен и обезбедува континуитет во образовниот процес во услови на пандемија. Учениците до трето одделение и повозрасни од помалите училишта, главно подрачни и во рурални средини, вчера се вратија во училишните клупи по тринеделниот зимски распуст, а за поголемиот дел основци и средношколци наставата продолжи на далечина.

Но, на онлајн-наставата не се вклучија дел од матурантите кои, организирани од Сојузот на средношколците, почнаа бојкот, барајќи државна матура со испити по два наместо по четири предмети (три екстерни и еден интерен).

Претседателот на Сојузот, Бленди Ходаи изјави дека бојкот има во средни училишта во 20 градови, вклучително и во Скопје, затоа што завчерашната онлајн-средба со министерката Мила Царовска поминала без договор да се прифати нивното барање за кратење на бројот на предмети и да полагаат два – мајчин јазик (македонски, албански или турски јазик) и втор предмет што ќе биде од областа која матурантот планира да ја студира.

Ходаи рече дека ќе бојкотираат една недела, а за следните чекори и дали ќе имаат протест, ќе одлучат.дополнително. Притоа тој нагласи дека не се за укинување на државната матура, како што бара другата група – Средношколски глас, кои, пак, собираат онлајн-потписи за укинување на матурата.

Според министерката Царовска, легитимно е правото да го искажат незадоволството со бојкот и смета дека се работи за мали, изолирани групи. Таа истакна дека оваа генерација матуранти сепак ќе го полагаат испитот по актуелниот концепт, а промени може ќе има за матурантите во наредната учебна година.

Таа вчера изјави дека само во една гимназија во Скопје има поорганизирано дејствување, а сите други, како што рече, се изолирани групи во дел од гимназиите. Царовска соопшти дека ќе се формира работна група за подготовка на нов концепт на државна матура за наредната учебна година, но за годинашните матуранти, како што рече – „нема бегање од актуелниот концепт“.

Слични Објави