Вучиќ не ја потпиша декларацијата за Украина на самитот во Киев
Учесниците на петтиот самит Украина – Југоисточна Европа, одржан на 15 јули во Киев, усвоија заедничка декларација за продолжување на политичката, воената, финансиската и безбедносната поддршка за Украина, засилување на притисокот врз Русија и помош во обновата на земјата, јавува БГНЕС.
Србија беше единствената земја учесничка што не го потпиша документот. Во декларацијата се осудува незаконската, неиспровоцирана и неоправдана руска агресија и се бара Москва веднаш да ја прекине војната и целосно, безусловно и на проверлив начин да ги повлече своите сили и воена опрема од Украина.
Документот го потпишаа украинскиот претседател Володимир Зеленски и претставници на Албанија, Грција, Молдавија, Романија, Хрватска, Словенија, Северна Македонија, Црна Гора и Бугарија.
„Јас сум единствениот што не го стави својот потпис под оваа декларација. Прочитајте го текстот и тогаш сè ќе ви стане појасно. Нема потреба повеќе да објаснувам“, изјави српскиот претседател Александар Вучиќ. На прашањето за санкциите против Русија, тој рече: „Сите ја знаат нашата позиција, како што и јас ги знам позициите на сите други“.
Вучиќ и Зеленски разговарале за заемната поддршка на територијалниот интегритет, европската интеграција, економската соработка, трговијата и енергетската безбедност. Српскиот претседател го поканил Зеленски да го посети Белград.
Со декларацијата се поддржуваат и натамошен санкциски притисок врз Русија, зајакнување на украинската противвоздушна одбрана, враќање на депортираните украински граѓани и учество во обновата на Украина. Следниот самит е предвидено да се одржи во Словенија во 2027 година.

