| |

За да бидеш денес македонски патриот, треба да се поистоветуваш со симболите на српската и грчката пропаганда

Пишува: Зоранчо Маринков

Дали постои поголема трагедија за еден човек, после неговата смрт, истиот тој човек да биде идентификуван со оние против кои се борел цел живот и на крај загинал во таа борба?! За жал, за да бидеш денес македонски патриот, очигледно треба да се поистоветуваш со симболите и теориите на српската и грчката пропаганда од крајот на XIX век, а да се нарекуваш себеси според борците против тие пропаганди, истовремено негирајќи им ја народноста на тие борци.

Така, изминатиот викенд повторно можевме да прочитаме на македонските портали како навивачите на Вардар, кои самите се нарекуваат Комити, според борците на ВМОРО (Внатрешната македоно-одринска револуционерна организација) направале големо патриотско дело. Имено, тие на натпреварот Вардар – Шкендија, направиле кореографија со знамиња со симболот на Филип II и Александар Македонски, а некоја пејачка Бојана пеела патриотска песна обвиена со неколкуметри долго знаме со истиот симбол – ѕвездата од Вергина.

Истите тие “Комити” истакнуваа транспаренти со кои се фалат дека пред 20 години, го уништиле обидот да се формира здружението Радко (псевдоним на Иван Михајлов – последниот лидер на ВМРО) и ги навредуваа битолчани дека не превзеле ништо против отворањето на клубот “Иван Михајлов” во Битола. Истовремено со гордост веат знамиња со печатот на организацијата “Тајни србо-македонски удружења”, односно на српските четници, а тој симбол го цртаат и на мурали заедно со ликот на Даме Груев, човекот кој се борел токму против тие српски четници.

Еден од најголемите војводи на ВМРО, Васил Чекаларов најдобро бил запознат со грчката пропаганда, бидејќи бил роден, живеел и дејствувал во Костурско.

Најопасниот враг на Елада, како што бил наречен Чекаларов, во неговиот дневник ги исмејува лицата што му кажувале дека не е Българин, туку Македонец како Александар Македонски, и таквите лица ги нарекува непознавачи на историјата. Дневникот на Чекаларов бил сочуван од неговиот другар и соборец, костурскиот војвода на ВМОРО – Лазар Киселинчев.

“Иако рековме дека ќе бидеме таинствени, сите нѐ препознаа, дури и гркоманскиот поп Герман, побара да дојде кај нас. Ние му дозволивме и дојде. Тој брат до толку се погрчил, што почна да ни зборува по еден збор бугарски и по два грчки. Го подигнавме прашањето за неговата националност, тој на секаков начин се потруди да ни докаже дека сме Грци!

Бидејќи не можеше да ги изнесе фактите што му ги побаравме, почна да ја развива приказната за големиот Александар Македонски, дека ние сме ни Грци ни Бугари, туку Македонци, без да се земе предвид дека во Македонија има и Турци и Евреи и од многу други нации.

Човек што не ја разбира историјата и почнува да ви проповеда со неа е многу смешен! Не сакавме да навлеземе повеќе расправии со него и затоа го избркавме”.

Васил Чекаларов – “Дневник 1901-1903 г.”

Токму со Александар Македонски, грчкиот костурски владика – Германос Каравангелис го убедувал Котас (Коте од Руља) да се приклучи кон грчките андарти, во почетокот на XX век. Коте од Руља, и според официјалната историографија во денешна Северна Македонија, станал предавник на ВМОРО и на македонската кауза.

“Цела ноќ останавме заедно и разговаравме. Му реков: Вие сте Грци од времето на Александар Македонски, по што дојдоа Словените и ве пословенија. Вашиот изглед е грчки и земјата што ја газиме е грчка. За тоа сведочат статуите кои се скриени во неа. И тие се грчки, и монетите што ги наоѓаме се грчки, а и натписите се грчки”.

“Германос Каравангелис – Спомени”, 1959 год.

Да видиме што пишувал во врска со Александар Македонски и теориите за античкото потекло на Македонците, историчарот Славко Димевски во 1961 год. и во 1979 год. Статиите му се објавени во Гласник на Институтот за национална историја и во Годишник на Институот за социолошки и политичко правни истражувања, значи во официјални изданија на современата македонска наука и историографија.

Во статијата “Некои моменти од антиегзархиското движење до создавањето на ВМОРО”, Славко Димевски во 1961 год. пишува:

“Сличен курс имала и грчката пропаганда во Македонија. Грчката идеја за создавање на голема Елада во текот на неколку децении претрпела неуспех во Македонија. Затоа кон крајот на 1878 година грчките силогоси го промениле курсот на својата пропаганда. По предлогот на Солунскиот силогос, грчката пропаганда понатаму настојувала да го убеди македонското население дека не е ни грчко, ни бугарско, туку македонско. И бидејќи античките Македонци, се сродни со Грците, разбирливо е што и сегашните Македонци повеќе се Грци одошто Словени.

Овој курс на својата пропаганда силогосите, со повремени отстапувања, го задржале и во текот на последното десетилетие од XIX век. Грчките весници биле отворени за македонизмот и секоја појава на отпор против Егзархијата била поткрепувана.

Давањето простор на “македонизмот” во грчките весници во 90-те години од XIX век всушност бил заеднички план на грчката и српската пропаганда. Најчесто српските агенти на македонистичка основа се појавувале во одбрана на македонската индивидуалност од посегнувањата на бугарштина и Екзархијата. Бившите членови на тајниот “Македонски комитет” и во понатамошната своја дејност настапувале како вистински Македонци”.

Во неговата статија “Негативно влијание на надворешните фактори врз националното будење на македонскиот народ до 70-те години од XIX век”, објавена во 1979 год., Славко Димевски пишува:

“Грчката пропаганда, форсирајќи ги своите карактеристични национални аспирации, насочени кон посегнување на словенските народи во Европска турција, за македонскиот народ изградила концепција за поуспешен пробив. Со оглед на тоа што не постоела никаква етничка сродност и блискост, ниту блискост на јазиците на грчкиот и македонскиот народ, ја ширела идејата дека словенското население во Македонија ја влечело етногенезата од етничките Македонци, односно со мешање со Античките Македонци на македонскиот терен словенското население ги примило сите нивни етнички белези, со исклучок на јазикот”.



Слични Објави