|

За долгот и саможртвата – спомен за еден воен лекар

Д-р Михаил Иванов Попов е роден на 24 јануари 1877 година во селото Каломен, Дрjaновско. Тој е син на свештеникот Иван Стојанов Иванов, кој од 1882 до 1918 година служи во храмот „Св. Архангел Михаил“ во Попово, пишува Аrmymedia.bg.

Основното образование го завршува во Попово, а средното во Разград. Студира медицина во Франција, каде стекнува и сертификати по природни науки, хемија и физика на Факултетот за природни науки во Монпелје. Од 1904 до 1910 година работи како лекар во Варна. Во 1910 година стапува во брак со Павлина Фтичева, со која има три деца.

Во 1911 година специјализира патолошка анатомија, детски болести и бактериологија во Париз. Учествува во Балканската и Меѓусојузничката војна како санитарен капетан во Штабот на Третата армија, дејствувајќи во Источна Тракија. За службата е одликуван со орден „За заслуга“.

Во 1915 година е назначен за околиски лекар во Попово. За време на Првата светска војна служи како мајор и лекар на 53. пешадиски полк од Зборната пешадиска дивизија, која учествува во борбите кај реката Црна во Македонија и подоцна е распоредена во Северна Добруџа. Во 1918 година е одликуван со Народен орден „За воена заслуга“ IV степен со лента на орденот „За храброст“, како и со Почесниот знак „Црвен крст“ за грижа за ранетите.

По завршувањето на војната, по враќањето на заробени војници од Солун, во Попово избива епидемија на абдоминален тиф. За време на лекарски преглед д-р Попов се заразува и умира на 21 јануари 1922 година. Во знак на признателност, тој е погребан во дворот на болницата во Попово, што претставува редок случај за тоа време.

Во поново време, поради промената на статусот на старата болница, со поддршка на Општина Попово и раководството на локалната болница, неговите посмртни останки се пренесени во градските гробишта, а споменикот е реставриран и поставен во дворот на новата болница. На 17 ноември 2025 година е одржана панихида во негова чест, во присуство на претставници на здравствените институции.

Д-р Михаил Попов останува запаметен како воен лекар кој без оглед на етничка или социјална припадност им служел на сите болни и повредени, исполнувајќи го својот професионален и морален долг до крајот на животот.



Слични Објави