ЗА ЕДНА НЕДЕЛА РЕГИСТРИРАНИ 7486 НОВИ СЛУЧАИ НА КОВИД-19 И ПОВЕЌЕ ОД 200 ПОЧИНАТИ ЛИЦА

Според неделниот извештај на Институтот за јавно здравје за периодот од 16 до 22 ноември станува јасно дека се тестирани вкупно 19.664 материјали во лабораториите, а регистрирани сe 7.486 нови позитивни случаи од 35 градови во државата со незначително зголемување во однос на минатата недела од 1,8 проценти.

loading...

Во наведениот период, процентот на позитивни од тестирани лица изнесува 38 проценти.

Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 години. Голем број на заболени се регистрира и кај лицата во возрасните групи од 40-49 (n=1.496; 20,0%), 30-39 (n=1.474; 19,7%), 50-59 (n=1.348; 18,0%) и 20- 29 (n=978; 13,1%). Најмал број е регистриран кај децата од 0-9 (n=85; 1,6%) и 10-19 години (n=287; 3,8%).

Во однос на дистрибуцијата по пол, пријавени се 3.866 (51,6%) лица од машки и 3.620 (48,4%) од женски пол.

По добиени 2 негативни теста за присуство на SARS-CoV-2 или со употреба на новиот алгоритам, како оздравени се водат 5.099 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, 44,7 проценти повеќе во споредба со минатата недела.

loading...


Во наведениот период пријавени се 204 смртни случаи од 24 града, зголемување од 18,6 отсто во однос на минатата недела. Во однос на возраста, 155 лица биле над 60 години, 26 лица на возраст од 50-59 години, 18 смртни случаи се пријавени од возрасната група 40-49 години и 5 случаи во возрасната група од 30-39 години. Од смртните случаи, епидемиолошки се истражени 128 или 62,7 проценти.

Деталниот извештај на Институтот за јавно здравје за состојбата со Ковид-19 за периодот од 16 до 22.11.2020 г. како и кумулативната состојба со Ковид-19 во Република Северна Македонија се објавува на веб страницата на Институтот за јавно здравје: http://iph.mk/.