| |

За европските стандарди во Бугарија и за „европските” стандарди во Северна Македонија

Илија Стојановски

Во Мелник, при одбележувањето на годишнината од убиството на Јане Сандански, бугарската полиција веднаш реагирала и уапсила еден од луѓето што делеле памфлети на присутните. Памфлети со кои, среде собир на Македонци, требало да им се објасни дека Јане Сандански бил Бугарин. Значи, државата реагирала брзо, полицијата била присутна, редот бил воспоставен, а Македонците сепак можеле да се соберат во Мелник и да го одбележат Јане Сандански.

И токму тука почнува големото прашање: кој во Бугарија навистина пострадал од државната власт само затоа што се декларира како Македонец? Кој е уапсен, тепан, суден, прогонуван или осуден од бугарската држава само затоа што кажал: „Јас сум Македонец“?
Затоа што во Македонија, кога ќе се погледне наназад, списокот на луѓе што пострадале затоа што биле или се декларирале како Бугари е долг, болен и многу конкретен.

Јован Стојановски и здружението „РАДКО“ се еден од најсилните примери. Здружението беше распуштено од македонските институции, а случајот заврши во Стразбур. Европскиот суд за човекови права во предметот Association of Citizens Radko and Paunkovski v. Macedonia утврди повреда на членот 11 од Европската конвенција, односно повреда на слободата на здружување. Со други зборови, Македонија не само што го забрани здружението, туку потоа беше осудена од европски суд за тоа.
А „РАДКО“ не беше само правен случај на хартија. На промоцијата на здружението во Скопје беа фрлени димни бомби, а луѓето што јавно ја бранеа бугарската кауза во Македонија беа изложени на притисок, закани и физичка небезбедност. Тоа не беше „европска дебата“. Тоа беше порака: можете да постоите, ама подобро да не се гледате.

Тука е и случајот со Марија Стојменова. Во јавни сведоштва и објави се наведува дека била уапсена во 1995 година и изложена на полициски притисок поради врските со бугарската кауза и со луѓе од кругот на македонските Бугари. Ова не е приказна за некаква апстрактна историја, туку за конкретна жена, конкретно приведување и конкретен страв.

Драги Каров е уште еден пример. Во бугарски медиуми се наведува дека Каров и неговото семејство биле изложени на притисок поради бугарското самосознание, а во 2025 година беше повикан во обвинителство во Велес како обвинет за „ширење расистички и ксенофобски материјали по пат на компјутерски систем“. Ова е уште една слика на држава во која бугарското самосознание не се третира како право, туку како сомнеж.

Владо Панков од Охрид исто така останува симбол на тој притисок. Во повеќе јавни сведоштва и бугарски извори се наведува дека Панков бил апсен, тепан и малтретиран поради неговото бугарско национално самосознание и активностите поврзани со бугарските организации во Македонија. И повторно, не зборуваме за човек што нападнал некого, туку за човек што пострадал затоа што јавно се идентификувал како Бугарин.

Посебно место во оваа низа има и случајот со Љупчо Георгиевски, претседателот на избришаниот Културен клуб „Иван Михајлов“ во Битола. Човекот не беше осуден затоа што претепал некого, не затоа што запалил клуб, не затоа што повикал на насилство, туку поради содржини поврзани со Иван Михајлов објавени на Фејсбук-страницата на здружението. Според БТА, тој добил една година условна казна, а случајот бил поврзан со обвинение за поттикнување етничка омраза. Во истиот предмет, според извештаите од судењето, поранешниот премиер Љубчо Георгиевски сведочел дека случајот во суштина личи на „судење на историската фигура Иван Михајлов“.

Значи, во Македонија цитат од книга и историска личност може да стане судски предмет, обвинение за ксенофобија и условна пресуда. Во истата држава, пак, палењето на бугарскиот клуб „Иван Михајлов“ заврши со само шест месеци условна казна за Ламбе Алабаковски. Па сега нека ни објаснат: што е поголем „криминал“ во Македонија — да запалиш бугарски клуб или да цитираш човек што не ѝ одговара на официјалната историска догма?

Да не го заборавиме и Христијан Пендиков. Тој доби тешка телесна повреда во Охрид, а напаѓачите беа осудени на по осум месеци затвор. Судот не го прифати мотивот „од омраза“ како докажан, иако самиот случај стана симбол на насилството врз луѓе што се поврзуваат со бугарската заедница во Македонија. Значи, човек е претепан, случајот ја тресе јавноста, а казната е осум месеци.
А потоа доаѓа случајот со Владимир Перев. Бугарски медиуми објавија дека речиси 80-годишниот новинар и македонски Бугарин бил нападнат во продавница во Скопје, дека бил удрен, дека му биле скршени очилата и дека му биле упатени закани и навреди на етничка основа.
Но наместо сериозна државничка реакција, премиерот Христијан Мицкоски јавно го релативизираше случајот. МИА објави дека Мицкоски изјавил оти „отфрла дека имало било каков напад“, по консултации околу пријавата на Перев.

Еве ја целата апсурдност: кога човек што се декларира како Бугарин тврди дека е нападнат, државниот врв не вели „ќе оставиме институциите да истражат“. Не. Веднаш се отвора простор за исмевање, негирање и политичко минимизирање. Значи, во Македонија може да бидеш жртва, ама ако си Бугарин, прво ќе треба да докажуваш дека не си ја измислил сопствената болка.

Исто така, во Македонија Бугарите и луѓето што се декларираат како Бугари често не можат мирно да положат цвеќе на гробот на Гоце Делчев без провокации, бркање, кинење ленти и јавна хистерија. Имаше и тепање и тензии околу чествувањето на Мара Бунева во Скопје. Повторно истата шема: кога некој сака да чествува личност што ја смета за дел од бугарската историска меморија во Македонија, веднаш се активираат нервите на државата, медиумите, толпата и „патриотските“ дежурни стражари.

И сега да се вратиме на Мелник.

Македонците во Бугарија се собрале да го чествуваат Јане Сандански. Имало провокации, имало памфлети, имало обиди да им се наметне бугарска историска интерпретација. Но државата не ги избркала од собирот. Не им го забранила настанот. Не им фрлила димни бомби. Не им го распуштила здружението со одлука што подоцна ќе падне во Стразбур. Не им запалила клуб. Не ги осудила затоа што кажале дека се Македонци.

А кога се зборува за Македонците во Бугарија, мора да се каже и уште нешто што намерно се премолчува. Дел од тие луѓе не се никакви бездомни жртви на системот, туку бугарски граѓани, луѓе со документи, работа, јавна активност и пристап до институциите на државата. Во документите и објавите на ОМО „Илинден“ – ПИРИН самите тие зборуваат за права на македонската заедница како бугарски граѓани, а во извештаите на Европскиот суд за човекови права се наведува дека партијата во 1999 година освоила две градоначалнички места и три советнички места на локални избори.

Значи, не зборуваме за луѓе без државјанство, без документи и без правен статус. Зборуваме за бугарски граѓани кои се организираат, настапуваат, пишуваат соопштенија, водат кампањи, комуницираат со европски институции и учествувале во локална политика. Тоа не значи дека во Бугарија нема проблем со регисистрација на здружение — има, и за тоа постојат пресуди и предмети пред Стразбур. Но едно е спор околу регистрација, а сосема друго е физичко насилство, палење клубови, условни казни за цитати, бркање од чествувања, димни бомби и системска порака дека ако си Бугарин во Македонија — подобро молчи.

Токму затоа споредбата со Македонија е уште посурова. Во Бугарија Македонците можат да се соберат во Мелник за Јане Сандански. Можат да објавуваат соопштенија. Можат да имаат организациски структури, весник, јавни настапи, конференции и европски контакти. Некои од нив биле и дел од локалната власт или јавниот живот. А во Македонија, кога Бугари ќе се појават на гробот на Гоце Делчев или на чествување за Мара Бунева, веднаш се создава атмосфера како да дошла непријателска армија.

Најлесно е да се глуми жртва пред Европа. Потешко е да се објасни како „репресираните“ во Бугарија биле бугарски граѓани, советници, локални функционери, јавни активисти и луѓе со политичко организирање — додека Бугарите во Македонија добиваа димни бомби, палење клубови, тепање, судски процеси и условни пресуди за цитати од книги.

И затоа прашањето е сосема легитимно:
Кој Македонец во Бугарија пострадал од бугарската власт само затоа што е Македонец — на начин на кој Јован Стојановски, Марија Стојменова, Драги Каров, Владо Панков, Љупчо Георгиевски, Владимир Перев, Христијан Пендиков и други пострадале во Македонија затоа што биле или се декларирале како Бугари?

Ова не значи дека во Бугарија нема говор на омраза. Има. Не значи дека нема националистички групи. Има. Не значи дека нема негирање, навреди и шовинизам. Има. Но едно е говор на омраза од толпа, а друго е државна репресија, забрани, судови, апсења, тепања, палења клубови, условни пресуди за цитати и институционално прогонување.
Во Македонија, проблемот не бил само во тоа што некој не сакал Бугари. Проблемот бил што целиот систем со години испраќал порака: можеш да бидеш сè, само не Бугарин на глас.

А кога денес некој ќе се обиде да ја сврти приказната и да каже дека Бугарија е таа што врши репресија, треба ладно да се праша:
Каде се македонските Јован Стојановски во Бугарија?
Каде се македонските Марија Стоименова?
Каде се македонските Драги Каров?
Каде се македонските Владо Панков?
Каде се македонските Љупчо Георгиевски?
Кој Македонец во Бугарија е осуден затоа што цитирал книга?
Кој македонски клуб во Бугарија е запален, па сторителот да добие само шест месеци условно?
Кој Македонец во Бугарија е претепан со тешка телесна повреда, па напаѓачите да добијат само осум месеци затвор?
Кое македонско здружение во Бугарија е нападнато со димни бомби на промоција?
Кој Македонец во Бугарија е јавно исмеан од премиер затоа што пријавил напад, како што Мицкоски го релативизираше случајот со Владимир Перев?

Затоа, пред некој повторно да продава приказна за „невини жртви“ и „европска Бугарија што угнетува“, нека ја отвори македонската архива. Таму не пишува пропаганда. Таму пишува историја на луѓе што платиле цена затоа што кажале дека се Бугари.
И најиронично од сè е ова: во Мелник Македонците можат да се соберат за Јане Сандански. Во Скопје, Бугарите често не можат мирно да положат цвеќе за Гоце Делчев или Мара Бунева без да бидат третирани како непријатели.

Толку за европските стандарди.
Толку за жртвите и агресорите.
И толку за приказната кој кого навистина гони.

Слични Објави