Здружението „Дело“ од Скопје бара градоначалникот на Куманово да се извини заради промовирањето на србоманскиот четнички војвода Јован Довезенски

//

Здружението „ДЕЛО“ од Скопје преку отворено писмо побара од градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, да се извини на македонската јавност, заради промовирање од негова страна на настанот „Кумановска битка“ и на србоманскиот четнички војвода Јован Стојковиќ наречен Довезенски.

Во отвореното писмо од здружението ги повикуваат Претседателот на Републиката г-динот Стево Пендаровски, Претедателот на Владата г-дин Димитар Ковачевски, Претседателот на Собранието г-дин Талат Џафери, Министерот за надворешни работи г-динот Бујар Османи, како и г-динот Христијан Мицкоски претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ , да ја осудат оваа прослава како непријателски чин кој е неприфатлив за Македонија и нејзините граѓани со акцент дека не станува збор за никакво ослободување на Македонија, туку Македонија паѓа под друго можеби и потешко ропство од Османлиското и да ги осудат постапките на градоначалникот Димитриевски.

Здружението „Дело“ најавува дека, ако градоначалникот Димитриевски, не се извини во рок од 7 дена, „ќе поднесе кривична пријава за повреда на членот 3 од Уставот на Републиката и член 308 и член 318 од Кривичниот законик“.

Ви го пренесуваме целосниот текст на отвореното писмо на здружението „Дело“-Скопје до градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски.



„Здружението „ДЕЛО“ од Скопје внимателно ги следи последните случувања и со жалост и загриженост може да утврди дека постои повреда на чувствата на македонскиот народ и сите граѓани на Р.С.Македонија поради неодамнешните настани со прославата на т.н. „Јубилеј на 110 години од Кумановска битка“, која се одржа на 23.10.2022 година на место викано „Зебрењак“ кај Куманово, организирана и поддржана од страна на здруженија и поединци од земјава и соседството претставувајќи ја како битка за ослободување на Балканот, а со тоа и на Македонија, нешто што од страна на македонската и светската историографија не е прифатено и не се чествува како такво, туку напротив после овие настани, односно после Балканските војни, територијата на денешна Р.С.Македонија позната како Вардарска Македонија паѓа под тешко ропство под кралството Србија, подоцна Кралство С.Х.С. проследено со угнетување и асимилација на македонското население и колонизација на Вардарска Македонија.

Имено според Македонската и светската историографија, ослободителните борби на Србија завршуваат заклучно со Берлинскиот конгрес од 1878 година и добивањето на формалната независност на кнежевството, а подоцна Кралство Србија и секоја понатамошна воена интервенција на Кралството Србија, на македонска територија од наша страна како Здружение, а и од страна на светската и македонската историографија и целокупната македонска јавност се смета за експанзионистичка со намери за завладување на македонска земја и асимилација на народот.
Особено загрижувачки е што градоначалникот на Општина Куманово г-динот Максим Димитриевски ја поддржа и ја промовира оваа т.н. прослава за „ослободување“ на својата фан страна.

Притоа наведувајќи дека „6000 македонци со војводи од Кумановскиот крај како Јован Довезенски дале придонес за победа во оваа битка“, а секако најверојатно според господинот градоначалник и за ослободување на Македонија.

Поради наведениов статус на господинот Димитриевски мора да му укажеме, притоа без да потенцираме дали од знаење или од незнаење истото го пишал, но ако не знаел, нека научи дека т.н. војвода Јован Стојков, подоцна Стојковиќ наречен Довезенски е кољач и палач на Македонци и голем противник на Внатрешната Македонска Револуционерна Организација, позната како ВМРО која е единствен легитимен организиран субјект за ослободување на Македонија која води долгододишни борби против овој т.н. „војвода“ припадник на Српскиот комитет за четничка акција, агитатор на Српската вооружена и просветна пропаганда во Македонија чија што цел била завладување на цела Македонија или дел од неа, како што бил случајот со Вардарска Македонија.

Јован Довезенски се вбројува во редот на отстапници и народни одродници од рангот на познатиот Коте од Руља, кои го предаваат својот народ и народното дело и се ставаат во служба на туѓите интереси на штета на Македонија и сите нејзини граѓани.

Во таа насока, оваа и секоја прослава како оваа се толкува како отворено прокламирање на експанзионистички намери врз Р.С. Македонија и рушење на нејзината независност, суверенитет и интегритет и поддржувачите на истата сторуваат повреди на Уставот на Р.С.Македонија кое подлежи на кривично гонење, за што ги повикуваме надлежните институции во државата по службена должност да постапат.

Исто така ги повикуваме Претседателот на Републиката г-динот Стево Пендаровски, Претедателот на Владата г-дин Димитар Ковачевски, Претседателот на Собранието г-дин Талат Џафери, Министерот за надворешни работи г-динот Бујар Османи, како и г-динот Христијан Мицкоски претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ , да ја осудат оваа прослава како непријателски чин кој е неприфатлив за Македонија и нејзините граѓани со акцент дека не станува збор за никакво ослободување на Македонија, туку Македонија паѓа под друго можеби и потешко ропство од Османлиското и да ги осудат постапките на градоначалникот Димитриевски.

Поради сето наведено бараме градоначалникот г-дин Максим Димитриевски во рок од не повеќе од 7 дена јавно да се извини на целокупната Македонската јавност, односно на Македонскиот народ и сите граѓани на Р.С.Македонија за искажаната поддршка на овој настан и промоција на истиот, како и промоција на негативни личности од историјата со што ги повреди чувствата на сите граѓани, во спротивно Здружението „ДЕЛО“ ќе биде приморано против Димитриевски да ги поднесе сите потребни поднесоци до сите надлежни органи, како и да поднесе Кривична пријава за повреда на членот 3 од Уставот на Републиката и член 308 и член 318 од Кривичниот законик“, стои во отвореното писмо на здружението „Дело“ од Скопје.

Претходна статија

Наталија Наколофски: Бугарија ми беше во соништата. Таа е мојот дом!

Следна статија

Иван Николов за БГНЕС: „Српскиот свет“ крие огромна опасност за Бугарија

Најново од Вести