За правата на Бугарите, квазипатриотизмот и нападите врз отец Партениј
Пишува: Тодор Вангелов
Од како постои светот и човекот, свет што бил хармонично создаден и убав за да човекот живее во него во секаква благосостојба, на човекот од Бога му е дарена слободна волја и никој и ништо таа слободна волја не може да му ја одземе. Но, убавиот и хармоничен свет, самиот човек го доведе до изгледот, што го има денес.
Слободната волја на човекот е неприсилено и независно правење добро или зло, односно донесување одлуки. Таа произлегува од разумот, од разумната душа. Според теолошкото учење за слободната волја на човекот, таа останала неповредена по падот на човекот, но, откако човекот згрешил бил повреден разумот, оттаму слободната волја кај човекот кај едни е расположена за добро кај други кон зло. За да појасниме ќе го цитираме свети Васили Велики: „По својата желба и волја секој може да биде или свето семе или спротивно на тоа“. Односно и сега од слободната волја на секој зависи дали ќе биде добар и чедо на Бога или лош, зол и син на сатаната.
Гледаме дека уште од самиот почеток на постоењето на светот и сѐ во него, човекот има слободна волја. Слободната волја е дар од Бога. Човекот има разум со кој размислува и слободна волја со/преку која сам носи одлуки. Од самото негово суштествување, на човекот од Бога му е загарантирана слободата во секој аспект.
Уште од античко време постои идејата за правата на човекот. Постои глинена плоча напишана со клинесто писмо од времето на Кир Велики (539 год. п.н.е.), крал на Персија, која се смета за прва декларација за човековите права во историјата. Потоа во античка Грција Софистите се противеле на ропството и се повикувале на природното право; Стоиците исто така биле со исти погледи и ставови, според кои, ние сме создадени од природата за да водиме заеднички живот, здружување и создавање држава. Во борбата и идеите за човекови права придонеле и Римјаните. Но, еден од значајните документи во историјата на човековите права кој датира од 1215 година е „Магна Карта“ потпишан од англискиот крал Џон (Јован), кој документ се смета за претходник на многу современи Устави. Потоа, Декларацијата за независност на Соединетите држави која е првата сеопфатна и цврста декларација за човековите права во светот донесена 1776 година. После француската револуција во Франција во 1789 година е донесена Декларацијата за правата на човекот и граѓанинот, која се базирала врз начелото дека сите луѓе се раѓаат и остануваат слободни во своите права. По крајот на Втората светска војна, Обединетите нации ја усвоија Универзалната декларација за човекови права на 10 декември 1948 година. Универзалната декларација за човекови права повикува на правда и слобода, опфаќајќи ги сите луѓе во светот.
“Слободата отсекогаш во суштина се состоела од правото да го избереш она што сакаш да го избереш бидејќи така си одлучил да избереш, неприсилен, немалтретиран, непроголтан од масивен бирократски систем; како и од правото да пружиш отпор, да бидеш непопуларен, да застанеш зад своите уверувања само затоа што се твои уверувања. Така изгледа вистинската слобода, и без неа не може да има ниту слобода од каков било вид, ниту пак илузија на слобода.” (Исаија Берлин, Слобода и нејзиното предавство)
Денес сме сведоци дека таа својствена на човекот слобода и неговите природни индивидуални права се загрозени, прекршени, непочитувани насекаде низ светот.
Според Уставот на РС Македонија во Член 8 се наведени темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија и тоа:
– основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати со меѓународното право
и утврдени со Уставот;
– слободното изразување на националната припадност и т.н.
Денес во РС Македонија актуелно е прашањето за правата на Бугарите и внесување на истите во Уставот. Тоа е народ кој децении бил и сѐ уште е на овие простори (и ќе продолжи да суштествува тука) и покрај многубројните геноциди вршени над него. Тој е еден од државотворните народи на РС Македонија (иако властите во РСМ уште го немаат впишано во Уставот). Но, се надевам, дека во блиска иднина ќе биде впишан во Уставот заедно со другите народи во РС Македонија (веќе е и формирана работна група за уставни измени).
Човековите права постојат независно. Тие не бараат правно, социјално, културно или религиозно признавање за да постојат. Ова значи дека сите човечки суштества имаат основни права, дури и ако законите на нивната земја или група не ги признаваат и тие намерно одлучуваат да ги прекршат.
Иако, луѓето имаат право безусловно да се почитуваат нивните права, во РС Македонија има непочитување и кршење на правата на Бугарскиот народ. Секојдневно сме сведоци на напади, омаловажувања, негирања, закани и секакви други механизми на заплашувања од македонската јавноста кон Бугарите. Во македонските медиуми, во социјалните мрежи, дел од политичките елити… скоро насекаде во РС Македонија владее бугарофобија и се сее омраза кон бугарскиот народ. Доколку некој го искористи своето право на изразување, веднаш е осуден, стигматизиран од општеството, навредуван, исмеван, отфрлен дури е обележуван и споделуван како предавник кој треба да биде тепан, иселен од земјава или во краен случај (не дај Боже) убиен. Просто да си Бугарин во РС Македонија е тешко и непожелно од јавноста и системот. Зошто е тоа така само кон Бугарите во Македонија? Еден од одговорите е дека во основата, во темелот на (српскиот) македонизам е антибугаризмот.
Голем број Македонци ( антички, србомани и русофили) и политички елити се против влегувањето на Бугарите во Уставот на РСМ, со изговор дека тоа го загрозува нивниот идентитет, иако впишувањето на Бугарите во Уставот е дел од европскиот процес на РС Македонија на која самата држава се обврза со договорот за добрососедство од 2017 година и т.н. француски предлог. Чудно е како, ако еден народ биде впишан во Уставот, покрај многуте други народи (Срби, Албанци, Роми…) ќе им го загрози идентитетот на Македонците? Како тоа другите народи не го загрозуваат, веќе загрозениот македонски идентитет? Или навистина има нешто сомнително во минатото и историјата на Македонија и Македонците?
Еден од најочигледните примери за квазипатриотизам се активностите на Љупчо Палевски и неговата партија Десна. Тие 24/7 се вклучени во ширењето омраза кон Бугарскиот народ и државата Бугарија. Организираа протести пред Бугарската амбасада, протестите беа смешни, бидејќи едвај се собираа по 20-30 души. За да се покаже дека е голем ‘патриот’ истиот исече бугарски пасош во емисија. Покрај тоа што е крајно антибугарски настроен, дотичниот е и против европскиот пат на РС Македонија. За него Бугарија и Бугарите, САД и ЕУ се најголеми непријатели на РС Македонија и Македонците. Во секој случај, човекот си има загарантирано право на размислување и изразување, но, нема право да навредува, омаловажува, да шири омраза, лаги и дезинформации.
Лажните патриоти, кои се загрижени за тоа како да дојдат до некој политички поен за да некако успеат да ја заземат власта и да имаат пристап до државните финансии, пробуваат преку омаловажување, напаѓање и секакви измислици за други личности да успеат во своите лукави намери. Тие се налик на фарисеите и садукеите, кои иако духовни лица (денешниве воопшто не се духовни), беа загрижени за своите материјални добра, односно се уплашија Христос да не им ги земе синагогите, народот и парите. А, кутрите, како овие денес, не ни помислуваа дека Христос не го интересираа материјалните нешта, туку спасението на човекот (но тие не можеле тоа да го разберат). Денешните псевдопатриоти, полни со завист, љубомора и злоба, кои карактеристики не се никако христијански, туку демонски, напаѓаат еден човек кој својот живот го предал во служба на Бога, Црквата, народот и државата. Таа нивна завист и љубомора толку ги озлобува према човекот, кој за разлика од нив е успешен и 28 години е верно предаден во служба на Бога и народот, што кутрите не можат да се согледаат дека се самоуништуваат од нивниот внатрешен отров.
Претставувајќи се и како некакви ‘заштитници’ на Црквата тие организираа потпишување на некаква нивна декларација за одбрана на МПЦ.
Кои се тие самоповикани ‘заштитници’ на Црквата, а немаат ништо заедничко со Црквата? За да има некој заедничко со Црквата, треба да е Христов, а за да е Христов, пред сѐ треба да има и да дава љубов (Љубете се за да ве познаат дека сте мои ученици, рече Христос). Од што тие несреќници и самоповикани ‘заштитници’ и псевдопатриоти ја ‘бранат и заштитуваат’ Црквата? Прво, дали имаат претстава, што воопшто значи поимот Црква (немам намера да го објаснувам поимот)? Дали знаат дека Црквата е духовна, а не национална институција? Што според нив значи „Една, Света, Соборна и Апостолска Црква“?
Палевски и неговата Десна немаат претстава што значи поимот Црква! Тие претставуваат една група на луѓе, кои, како да одработуваат по наредба на некој центар, кој им наредува да прават раздор и раскол меѓу народот и во Црквата. Тие се однесуваат како самоповикани бранители на нешто, за што немаат никаков легитимитет и авторитет, додека човекот што го напаѓаат е повикан од Бога да е на таа позиција на која што е и им служи верно на Бога, Црквата и народот. Како што се вели во Евангелието: „По делата ќе ги препознаете“, а вашите дела се сатански (завист, љубомора, омраза, раздор…).
Нападите врз Господин Партениј дека е човек на грчка служба, бугарска служба или српска служба, или што би рекол Палевски, фанариот и егзархист (едното со другото не оди), можат да добијат само еден одговор- Господин Партениј НЕ Е ЧОВЕК НА НИЕДНА ЗЕМСКА И ДРЖАВНА СЛУЖБА, односно е во СЛУЖБА НА БОГА! Господин Партениј е човек во служба на Бога. Тоа е неговата служба на која е предан уште од дете, па сѐ до денес. И, да, многу е верен на таа служба и никакви земски богатства не можат да го купат. Затоа што ни вие, ниту кој и да било друг на земјата не може да му даде повеќе од што добива од Неговиот Претпоставен од службата. Тој е вистински верен на службата на која служи.
Овие господа, иако имаат големо мислење за самите нив, се за жалење. Да, Христос би ги оплакувал. „Не тоа што влегува во устата на човекот го осквернува човекот, туку тоа што излегува од устата, тоа го осквернува“, така Господ Христос го поучуваше народот. Но, дали тие воопшто го имате отворено Светото Писмо?
Би сакал накратко да напишам збор два и за еден друг проблем, поврзан индиректно со самодовербата на одреден дел од етничките Македонци, кои, како да имаат потреба цело време да ја докажуваат својата македонштина.
Во социјалните мрежи можат да се видат коментари, во кои, доколку некој портал објавува позитивни вести од и за Бугарија, има напади дека е платен бугарски портал. За пример ќе го споменам порталот Трибуна. Се поставува прашањето, зошто речиси никој од истите тие плукачи по сѐ бугарско не осудат портали кои шират српски вести односно српска пропаганда? Дали тие портали се на платен список во Белград? Зошто не ви сметаат ваквите медиуми кои се просрпски настроени и можеби се платени од Србија? Зошто не ви смета што секој ден од сабајле до вечер по телевизии, радиа, локали, кафани, дискотеки, дома, прослави ечи српска музика? Доколку, пак некој пушти бугарска песна ризикува да биде обележан како „бугараш“. Дали е тоа нормално?
Македонците се на пат самите да си го изгубат идентитетот, заради работите спомнати погоре во текстот. Проблемот не се крие кај Бугарите и кај оние, што ја зборуваат вистината. Ниеден народ во светот нема потреба да си го докажува својот идентитет. Немате никаква потреба од докажување пред целиот свет дека сте Македонци, бидејќи ако се чувствувате Македонци, тоа и сте.
Јас сум и Македонец и Бугарин. Убаво е да се размисли како е можно тоа. Размислете!