Еврото станува единствено официјално платежно средство во Бугарија
На полноќ на 31 јануари 2026 година завршува едномесечниот рок во кој еврото и левот беа заедно во оптек. Од утре, 1 февруари, официјално платежно средство во Бугарија станува единствената европска валута, јавува БГНЕС. Левот повеќе нема да се прифаќа при плаќање на стоки, услуги и обврски. Граѓаните се должни да плаќаат во евра, трговците веќе не се обврзани да прифаќаат левови, а кусурот при секоја трансакција ќе се враќа исклучиво во евра, потсетуваат од Министерството за финансии.
Со цел да се обезбеди транспарентност и да се спречат шпекулативни практики, цените ќе продолжат да бидат прикажани во двете валути до 8 август 2026 година, согласно барањата на Законот за воведување на еврото во Република Бугарија.
Граѓаните ќе можат да ги заменат своите левови без надомест во трговските банки и во „Бугарски пошти“, каде што нема банкарски филијали, до 30 јуни 2026 година. По овој период, Бугарската народна банка ќе продолжи да разменува левови за евра без временско ограничување и без такси.

