Прес-центар на бугарскиот Претседател: Тврдењата дека се случила „политичка злоупотреба на деца“ што циркулираат во РСМ се невистинити
Секој сам може да заклучи дека тврдењата што циркулираат во РС Македонија дека се случила наводна „злоупотреба на деца за политички цели“ се невистинити. Тоа се вели во одговорот на прес-центарот на бугарскиот Претседател на новинарски прашања во врска со информирањето на МВР на РС Македонија до Обвинителството, за посетата на децата од иницијативата „Од двете страни на границата“, кај претседателот Радев на 4 јули годинава.
Од Претседателството го испраќаат официјалното соопштение по средбата и потсетуваат дека истата била отворена за претставниците на медиумите.
„Вознемирувачки е фактот што, без разлика на фактите и реалноста, во РСМ се обидуваат повторно да спроведуваат кампања против Бугарија и против активностите на една невладина организавија, која работи за зајакнувањето на соработката меѓу двете земји“, стои во соопштението на прес-центарот на бугарскиот Претседател до бугарските медиуми.
Потсетуваме дека талентирани деца од РС Македонија и Бугарија во рамките на иницијативата „Од двете страни на границата“ на Фондација Бугарска памет, ја посетија Софија и по заедничкото цртање пред Народниот театар „Иван Вазов“ ги посетија бугарскиот парламент и бугарското Претседателство.